Во Дебар маркетите и аптеките редовно се снабдуваат со храна и лекови, апелирам граѓаните да останат дома со цел да го спречиме понатамошното ширење на коронавирусот, кажа денеска градоначалникот на Општина Дебар Хекуран Дука, по состанокот на Општинскиот оперативен план. Тој побара од граѓаните соодветно да го фрлаат ѓубрето од домаќинствата, за да се одржува хигиената во градот и порача дека Црвениот крст доставува бесплатна храна само за социјалните случаи, а не за сите граѓани.
„ЈП ‘Стандард‘ врши редовно чистење на улиците и собирање на сметот. Ги замолувам граѓаните ѓубрето да го фрлаат во ќеси и да не фрлаат тврд и кабаст отпад во контејнерите или покрај нив. Екипи од Црвен крст се на терен постојано и добиваме информации дека добиваат многу повици од граѓани кои мислат дека бесплатно се доставува храна. Црвениот крст бесплатно доставува храна и неопходни продукти само за граѓаните кои се во изолација и за социјалните случаи. На останатите граѓани им стојат на располагање само да им ја донесат доколку не можат да излезат од домовите“, рече градоначалникот Хекуран Дука.
Од петокот во Дебар и Центар Жупа е воведена кризна состојба. Не е дозволен влез и излез од општините. Под специјален режим се врши и доставата на прехранбени продукти. Сите возила пред да влезат и излезат од Дебар, се дезинфицираат од екипи на Дирекцијата за заштита и спасување.
А. АНТЕВСКА