Околу четириесетина граѓани денеска дојдоа во Град Скопје да му дадат идеи на градоначалникот Петре Шилегов како да се реши проблемот со загадувањето на воздухот. Граѓаните на двочасовната средба со Шилегов даваа различни предлози, едни бараа да се воведе трамвај или метро, а други железницата да се вклучи во јавниот превоз.
Граѓаните побараа од ноември до февруари да се забранат градежни активности, индустриските погони да се дислоцираат надвор од градот, јагленот како средство за огрев да се забрани од наредната година, а складиштата кои продаваат дрва за огрев да бидат покриени оти влажните дрва повеќе загадуваат.
За дел од граѓаните, главен проблем за загадувањето се погоните и фабриките кои согоруваат разни материјали па побараа поголеми контроли и казни.
„Градоначалник треба да ги забраните бадниковите огнови, за една вечер се горат толку дрва и енормно се загадува воздухот и веќе еднаш да почне гасификацијата сите користиме дрва за огрев оти тоа ни е најевтино. Да има гас никој не би користел“, побара еден од граѓаните.
Граѓаните побараа и Скопје да се прогласи за затворен град, и да се направат напори Град Скопје да ја земе под своја надлежност топлификациската мрежа. Дел од граѓаните имаа спремено проекти во писмена форма кои му ги дадоа на градоначалникот.
Шилегов им се заблагодари на граѓаните им рече дека голем број од предлозите веќе се во нивната програма за систематско решавање на проблемот и најави дека сите други предлози ќе бидат разгледани.
А. АНТЕВСКА