Со пароли и скандирање „нема воздух,нема мир” и „сакаме воздух, не се дише”, граѓаните денеска одржаа мировен марш за чист воздух, организиран од Коалицијата за чист воздух О2 и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, заедно со уште 18 граѓански и невладини организации. Маршот почна пред Владата од каде што по Илинденска се упатија кон Карпош да им дадат поддршка на карпошани кои протестираат против најавата за нови згради, на местото на зеленилото.
На протестот пред Владата, со маски на устите се појавија и министрите Дамјан Манчевски, Роберт Поповски, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, како и пратеникот Павле Богоевски. Маршот го поддржаа и кандидатите за градоначалници Петре Шилегов, Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, Златко Марин. Тие заедно со граѓаните пред Владата извикуваа „сакаме воздух”, а потоа тргнаа да маршираат. Функционерите маршираа само неколку десетици метри, односно до Боемската улица.
Од невладините организации – организатори на маршот побараа од Владата и институциите веднаш да бидат преземени мерки за намалување на загадувањето на воздухот, а барањата ги доставија до Министерството за животна средина.
„Не сакаме да бидеме климатски мигранти. Македонија се гуши во загаден воздух,а не се презема ништо. Во Скопје има само две мерни станици кои го мерат квалитетот на воздухот”, рекоа организаторите на протестот.
Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули пред присутните најави дека новата влада ќе преземе системски мерки за намалување на загадувањето.
„Тоа што го направи претходната власт не можеме ние преку ноќ да го поправиме. Потребна е итна гасификација и што помалку домаќинства да го користат дрвото за греење”, рече Макрадули.
Жители на Карпош пред ресторанот „Имес” каде треба да се градат нови згради ги пречекаа учесниците на маршот. Тие порачаа дека нема да дозволат да се градат нови згради наместо паркови и зеленило. Најавија и дека на локалните избори ќе го поддржат кандидатот кој ќе ги исполни нивните барања и ќе стави крај на бетонизацијата на Карпош.
Истражувањата на Светската здравствена организација (СЗО) за 2012 година, покажаа дека аерозагадувањето во Македонија е причинител на повеќе од 2.836 смртни случаи годишно. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во 2013 пак, смртта на 3360 лица ја препишува на изложеноста на ПМ честици.
Една од најпогодените категории од проблемите со воздухот се децата. Според Драги Змијанац, претседател Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, секое второ дете се лекувало од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух.
А. АНТЕВСКА