Граѓански организации за утре (понеделник, 22 април) најавија акција за чистење на Скопскиот аквадукт, културно наследство од 6. век. Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. Но, остана запуштен и затрупан со ѓубре.
Еколошката акција за чистење, во чест на Денот на планетата Земја, на социјалните мрежи ја најавија Културниот центар „Лабораториум“ и организацијата „За почиста Македонија“. Акцијата ќе почне во 17:30 часот, а организаторите велат дека материјалите се обезбедени.
„За овој историски објект да опстане потребни се грижливи, разумни и свесни умови и раце како вашите, бидејќи, оставен на надлежните, тој пропаѓа. Дојдете, да покажеме како се работи и да го ослободиме аквадуктот од непотребни украси“, стои во најавата.
Според интернет страницата на Конзерваторски центар Скопје, под чија надлежност е Аквадуктот, за 2024 е планирана третата фаза од проектот за конзерваторско-реставраторски работи, за која се предвидени над 64 илјади евра (4 милиони денари).
- СО МИКРОКОЛОВИ СЕ СТАБИЛИЗИРААТ СТОЛБОВИТЕ НА СКОПСКИОТ АКВАДУКТ
- КРОС ПАТЕКА ЗА ТРКИ СО МОТОРИ СЕ ГРАДИ КАЈ АКВАДУКТОТ, ИНСПЕКТОРИ НА ГРАД СКОПЈЕ БАРААТ КОЈ ЈА ПРАВИ
Б. НЕСТОРОСКА