ГРЧКИТЕ ТУРИСТИ 40 ГОДИНИ КРШАТ ЈАЈЦА ВО ОХРИД

    ГРЧКИТЕ ТУРИСТИ 40 ГОДИНИ КРШАТ ЈАЈЦА ВО ОХРИДИако градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески се пофали дека годинава во градот ќе престојуваат најмногу гости до сега, денешната слика не оддава таков впечаток (Фото: СДК.МК)

    Гостите од Грција за Велигден доаѓаат во Охрид веќе четири децении. Неофицијалните проценки велат дека во Охрид има неколку стотини грчки туристи, кои синоќа беа забележани во охридските цркви. Но, оваа бројка е далеку зад онаа од пред повеќе децении кога овде за Велигден имаше по неколку илјади  верници од Грција.

    Некои од нив го паметат инцидентот од пред десеттинa години, кога кај хотелот „Палас“ автобусите со кои дојдоа им беа ишарани со графити во црвена боја со навредлива содржина од вандали. Еден грчки гостин, кога дојдовме да го фотографиравме автобусот тогаш ни рече: „Зошто ни го прават ова? Ние сме Македонци. Јас сум од Лерин, а и повеќето мои пријатели се од тој град”.

    Се чини дека  оттогаш нивниот број од година во година се намалува.

    Во Охрид сега има повеќе гости од Бугарија и од Албанија, но и од некои поддалечни европски земји.

    „И годинава очекуваме Охрид да биде полн со гости од регионов. Ова ќе биде убава можност да се запознаат со убавините на градот, да ги разгледаат  вредните културно- историски објекти. Ние сме подготвени да ги пречекаме на најдобар начин. Годинава во градот ќе престојуваат најмногу гости до сега“, се пофали градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

    Од локалната самоуправа најавуваа дека речиси 80 насто од сместувачките капацитети биле исполнети, иако денешната слика на градот не оддава таков впечаток. На паркизните во градот има места за паркирање, кај главниот паркинг за автобуси во близина на Студенчишкиот канал ги нема вообичаените автобуси со грчки регистарски таблички, иако најчесто гостите од Грција најмногу користат автобуски превоз.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира