ГРУЕВСКИ ВИКАШЕ ДЕКА Е ЗА ВО ЗАТВОР, А СЕГА ГО КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА МОГИЛА

    ГРУЕВСКИ ВИКАШЕ ДЕКА Е ЗА ВО ЗАТВОР, А СЕГА ГО КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА МОГИЛАСтевче Пивковски кој беше член на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се спротивстави на партијата која сакаше по петти пат да стави ист кандидат за градоначалник на минатите локални избори. - Никола Груевски на митинг во Могила пред последните локални избори; Стевче Пивковски по победата на локалните избори

    Човекот кого Никола Груевски го нарекуваше преварант и велеше дека треба да биде среќен што не е во затвор со ортакот Велија Рамковски, сега ВМРО-ДПМНЕ го предложи за кандидат градоначалник од нивната партија во пелагониската општина Могила. На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, набројувајќи ги последните десет предложени кандидати за градоначалници изјави дека за Могила го кандидираат Стевче Пивсковски.
    „За општина Могила, го предлагаме господинот Стевче Пивковски, познат стопанственик, чесен и работлив човек, со голем углед во општина Могила“, рече Мицкоски.

    Ваквата вест ги збуни жителите на Могила и околните општини во Битолско зашто Пивковски пред некој ден изјави дека поднел независна кандидатура. Неговото име е и на списокот објавен на интернет страницата на ДИК со имиња на независни кандидати за градоначалници кои го собрале потребниот број на потписи.
    Пивковски на телефон беше недостапен, а од општина Могила ни изјавија дека на 13 септември поднел независна кандидатура и најточни се податоците објавени на ДИК. По ова останува нејасно дали ВМРО-ДПМНЕ всушност нема свој кандидат за градоначаник во Могила, туку планира да ја поддржи кандидатурата на Пивковски.

    Пивковски на јавноста прво ѝ беше познат како фармер од Могила кој пред пред девет години беше меѓу оштетените сточари на кои шведската млекарница „Сведмилк“ им должеше многу пари за откупеното млеко. Пивковски тогаш учествуваше и во протестите кои траеа неколку месеци во Пелагониско, па и во Могила. Во 2009 година кога Ѓорге Иванов ја водеше битката за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, митинг одржа и во Могила каде фармерите го исвиркаа. Тој им возврати со клетва „тие што зло мислат, зло прават, народот вели зло ги снаоѓа, кога- тогаш, ако не сега до седмо колено“.

    Минатите локални избори во општина Могила дигнаа голема прашина во јавноста откако Пивковски кој беше член на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се спротивстави на партијата која сакаше по петти пат да стави ист кандидат за градоначалник. Поради тоа Пивковски истапи како независен кандидат. Тогаш, Никола Груевски, поддржувајќи Славко Велевски, повторно да стане градоначалник на Могила на предизборен мотинг вербално го нападна Пивсковски.

    „Пивковски да е среќен што не е во друштво со ортакот во затвор! Во времето на ‘Сведмилк’ еден човек кој имаше медиуми, а сега е во затвор, за да му се нулира долгот во млекарницата, ми рече дека таа мора да се затвори, ако не ќе ги сврти фармерите против мене зашто меѓу нив имал ортаци. Другиот ден, првпат на телевизија го видов Стево, вика, напаѓа. По ‘Сведмилк’, го сретнав Стево на некој настан рече ‘премиере, извинете, не знаев дека должел, ме изманипулира’. Му простивме, а потоа тргна по агенциите и зеде 90.000 евра од ИПАРД. Сега неговиот ортак заглави во затвор, а овој си вели, јас зедов 90 илјади евра, сега уште градоначалник да станам. Нам не ни требаат праваранти да ни ги преземаат општините, туку чесни кандидати“, изјави тогаш Груевски.

    И покрај ваквите навреди Пивковски победи на изборите, а за него гласаа и повеќемина членови од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш од партијата изјавија дека е исклучен поради погрешна политика.
    Пивсковски неодамна за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека се одлучил да се кандидира за втор мандат за да го продолжи она што го започна, враќањето на демократијата во општината и соединување на левите и десните во единство во интерес на Могила.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира