Летово дел од Градскиот трговски центар ќе добие зелен покрив. Ќе бидат зазеленети 1.800 квадратни метри односно просторот што гледа кон Плоштадот Македонија. Според проектот ќе бидат засадени 29 висококвалитетни дрвја и повеќе од 30 други видови садници. Ќе бидат поставени неколку водени зони во форма на фонтани и базени, монтажна бина, партерно шаховско поле, кафуле, како и модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека со овој проект делумно ќе се надомести загубеното зеленило во Малиот ринг.
„ГТЦ е симбол на модерно, постземјотресно Скопје. Со проектот финансиран од Град Скопје и имплементиран со поддршка на нашите пријатели од УНДП, постојниот покрив кој сега е речиси неискористен ќе стане атрактивен простор со зелена површина за одмор, рекреација и културно-забавен живот. Освен во урбаниот развој на градот, овој проект ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите“ рече Шилегов.
Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан кажа дека изградбата на зелениот покрив е една од многуте заеднички активности кои ги спроведуваат заедно со Град Скопје, со цел да се зголеми отпорноста на градот.
„Термалната мапа која ја изработивме покажа дека токму ГТЦ е една од најтоплите точки во градот. Кога на плоштадот температурата е 27 степени, на овој простор е повисока за десет степени“, рече Сахакјан.
Изградбата на зелениот покрив ќе чини околу половина милион евра. Зеленилото ќе се одржува преку обучување на вработени во ГТЦ. За подобар пристап ГТЦ ќе изведе панорамски лифт од приземјето до зелениот покрив.
А. АНТЕВСКА