Претпладнево во експозитурата на „Алта банка“ во Струмица не се врши исплата на пари на шалтер. Единствено пари можат да се подигнат на банкомат. Граѓаните кои ги затекнавме пред подружницата на банката во Струмница, а кои од утрово се собраа за да ги добијат парите по основ на пензии, плати и социјални транфери, кажаа дека во банката немало готовина, па се чекало да донесат.
„Од седум часот чекам. Кажаа дека немало готовина на шалтер и затоа не се исплаќа. Чекале пари да се донесат од Скопје со комбе. Нема кој да ти објасни, а кажаа дека од денеска пари ќе можат да се подигнати во Струмица“, објасни една госпоѓа која ја чекаше својата пензија
Речиси сите кажаа дека во експозитурата на шалтер немало пари и не се пуштале клиенти внатре за исплата.
Гувернерот на Народна банка, Трајко Славевски, завчера најави дека од понеделник со работа ќе започнат и шалтери на „Алта банка“ во Струмица и Тетово, каде што граѓаните кои имаат сметки, но немаат платежни картички, ќе можат да подигнат до 20.000 денари.
Покрај отворањето на шалтерот, се зголемува и неделниот лимит за користење на платежните картички. Наместо досегашните 10.000 денари, клиентите ќе можат да подигнуваат готовина од банкомати и да плаќаат во продавници до 15.000 денари неделно.
В. ТРАЈКОВ



