ГУЖВИ ОД БИТ ПАЗАР ДО „ЏАМБО“ ОТКАКО МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е ЗАТВОРЕН, МЕСТО ДА ГО ДОГРАДИ, АРСОВСКА ГО ОСТАВИ НОВИОТ МОСТ ВО АЕРОДРОМ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА

    ГУЖВИ ОД БИТ ПАЗАР ДО „ЏАМБО“ ОТКАКО МОСТОТ „БЕЛАСИЦА“ Е ЗАТВОРЕН, МЕСТО ДА ГО ДОГРАДИ, АРСОВСКА ГО ОСТАВИ НОВИОТ МОСТ ВО АЕРОДРОМ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБАКога ќе биде пуштен мостот не се знае, се чека проценката од Град Скопје колку е оштетен. (Фото: К. Попов)

    Колони возила и гужви се создаваат од Бит Пазар до комплексот банки во Скопје, откако мостот „Беласица“ од петокот е затворен за сообраќај по пожарот кој го оштети. Граѓаните кои живеат во општините Чаир и Бутел за да стигнат до центарот на градот возат по еден час, бидејќи гужвите почнуваат уште од улицата Цветан Димов кај пешачкиот надвозник. Додека се помине Бит Пазар и крстосниците кај „Мавровка“ и „Џамбо“ се вози по половина час. Исто е и наутро и попладне.

    Кога ќе биде пуштен мостот не се знае. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека Град Скопје, под чија надлежност е мостот, формирал работна група со професори од Градежен факултет кои треба да направат проценка на состојбата и да кажат колку е оштетен и каква санација треба.

    „Мостот гореше со температура од 1.000 степени целзусови. Бетонската подлога од долната страна која го штити мостот ги губи своите својства над 400 степени, а арматурата над 600 степени постои опасност да изгуби дел од своите својства. Носечките столбови кои го држат мостот се на долната страна која гореше. Поради сите овие факти, сметаме дека мостот треба да биде затворен. Градот Скопје формираше работна група која треба да излезе со податоци колкава е штетата и дали мостот може да се реновира и колку време ќе треба да се стабилизира ако се утврди дека штетите не се толку големи. До овој момент немаме никакви информации од Град Скопје“, вели Ангелов.

    Од Град Скопје и кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не добивме одговор на нашите прашања за состојбата на мостот „Беласица“ и што е утврдено од досегашниот увид. Арсовска не се појави ни на самото место по пожарот, ниту пак Град Скопје даде официјално известување за пренасочување на сообраќајот и евентуалните мерки што ќе ги преземе.

    Алтернатива на мостот „Беласица“ треба да е мостот „Михајло Апостолски“ на булеварот АСНОМ, кој од Општина Аердром кај спортската сала „Јане Сандански“ излегува кај ТЦ „Ист гејт“. Мостот беше почнат да се гради во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов и беше изведен цел, остана да се работи на приклучоците за  поврзување со „Ист гејт“ и пробивањето на трасата низ Ќерамидница.

    Откако стапи на функцијата, Арсовска кажа дека овој мост нема да се доправи и ќе биде за ловење риба, бидејќи нејзиниот претходник ѝ оставил нерасчистени имотно-правни односи. Неколку месеци подоцна, Арсовска кажа дека Градот почнал да ги решава споровите, но станува збор за голем број предмети, а дел од нив се и нерешени односи меѓу сопственците. На терен година и половина нема никакви активности.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира