ХЕРАКЛЕЈА ЌЕ ДОБИЕ ЛИФТ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ХЕРАКЛЕЈА ЌЕ ДОБИЕ ЛИФТ ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТСредствата се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка на ЕУ во износ од 704.590 евра, од кои за надворешниот дел на Хераклеја ќе бидат наменети 280.000 евра, а за уредувања внатре во локалитетот 180.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Инфраструктурно ќе се уредува пристапниот пат до античкиот локалитет Хераклеја кај Битола, пристапот до амфитеатарот, ќе се постави лифт за лица со попреченост, ќе се подобри состојбата со постоечкиот музеј и ќе се изработи аудиоводич. Средствата се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка на ЕУ во износ од 704.590 евра, од кои за надворешниот дел на Хераклеја ќе бидат наменети 280.000 евра, а за уредувања внатре во локалитетот 180. 000 евра.

    Проектот SMART-CUL-TOUR предвидува соработка со оппштина Пустец, Албанија, каде ќе се реконструира музеј од кој дел ќе биде посветен на писателот Македонец Стерјо Спасе, а другиот дел опремен со традиционални предмети од Мала Преспа.

    „Во рамки на инфраструктурните зафати на Хераклеја ќе биде поставен и надворешен лифт, луѓето со посебни потреби кои до сега не можеле да го погледаат локалитетот поради густината на поставени објекти сега ќе имаат можност да го погледнат не само од главниот видиковец туку и да присуствуваат на сите културни настани кои ќе бидат организирани на самиот локалитет. Состојбата со постоечката ограда, која не е сега во така завидна состојба, ќе биде подобрена, како и состојбата со постоечкиот музеј, ќе биде изработен аудиоводич на неколку јазици, во голема мера ќе се подобри самата состојба на локалитетот и туристите ќе имаат можност самоиницијативно да ги разгледуваат објектите и преку нивните смарт телефони да ја добијат соодветната информација“, рече Мери Стојановска, директорка на битолскиот Завод и музеј.

    Договорите за проектот беа денес потпишани од Општините Битола, Пустец, Завод и музеј Битола, МКЦ-Битола и Директоратот за заштита на споменици од Корча.

    „Токму ваквиот регионален пристап на давање туристичка понуда ги отвора вратите за развој на туризмот во Северна Македонија, Албанија и Грција. Ако ги отвориме нашите умови кон ваков начин да работиме, дефинитивно ќе станеме многу попривлечна туристичка дестинација“, рече градоначалничката на Битола Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира