ХЕРАКЛЕЈА ПРЕПОЛНА ЗА КОНЦЕРТОТ НА ПЕТАР ГРАШО, ПУБЛИКАТА БЕЗ ДИСТАНЦА И ПОВЕЌЕТО БЕЗ МАСКИ

    ХЕРАКЛЕЈА ПРЕПОЛНА ЗА КОНЦЕРТОТ НА ПЕТАР ГРАШО, ПУБЛИКАТА БЕЗ ДИСТАНЦА И ПОВЕЌЕТО БЕЗ МАСКИСпоред протоколите за јавни настани, организаторите треба за 50% да го намалат присуството на публиката; - Од концерот на Петра Грашо во Хераклеја, Битола. (Фото: Фејсбук)

    Без држење дистанца, а повеќето и без маски, така изгледаше публиката на вчерашниот концерт на големата музичка ѕвезда од Хрватска Петар Грашо, во античкиот локалитет Хераклеја во Битола. На социјалните мрежи се појавија повеќе фотографии кои сведочат дека за време на концертот не биле испочитувани доследно пропишаните протоколи наменети за јавен настан.

    Битолчани присутни на концертот велат дека сите на настанот влегле со маски и им била мерена температура. Во амфитеатарот каде што седела публиката немало потребна оддалеченост, зашто имало многу присутни, а дел ги спуштиле заштитните маски.

    Како организатор на концертот, според најавите на интернет, се јавува извесна фирма со седиште во Скопје. На телефонскиот број објавен на Фејсбук страницата беа недостапни или линијата беше зафатена. Од Општина Битола денеска излегоа со соопштение во кое велат дека континуирано се залагаат за спречување на ширењето на коронавирусот и за спроведување мерки за заштита на населението.

    „Одговорност на организаторите на културните и други јавни настани во Општина Битола е да ги почитуваат сите пропишани протоколи и мерки за заштита од ковид-19, а секое непочитување, доколку постои, да биде истретирано од соодветните инстанци”, пишува во соопштението.

    Според протоколите за јавни настани, организаторите треба за 50 проценти да го намалат присуството на публиката, да се држи дистанца и задолжително да се носи маска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира