Тетовските екологисти од движењето „Еко герила“ обвинуваат дека не силниот дожд, туку минихидроцентралите над селото Доброште се причината за неодамнешните поплави кои го зафатија овој дел од Полошкиот регион и го оштетија регионалниот пат Тетово-Јажинце.
„Неодамнешните поплави во селата од Полошкиот регион (Доброште, Теарце) не се резултат на обилните дождови, туку на изградбата на хидроцентралите во регионот. Сечењето на дрвјата, копањето на земјата за да се отворат патиштата до хидроцентралите и пренасочувањето на речните корита се главните причини за поплавите. Освен ова, и воведувањето на речните води во цевките на централите, а сѐ за финансиска корист на некои луѓе блиски до централната и локалната власт, предизвикува лизгање на земјиштето и поплави“, изјави Аријанид Џафери од „Еко герила“.
Тие подолг период остро реагираат и бараат да се поништат дадените концесии за изградба на неколку минихидроцентрали, кои треба да се градат во најживописните предели на Шар Планина.
„Повеќе пати ги предупредувавме надлежните веднаш да престанат со изградбата на овие хидроцентрали, со образложение дека ги уништуваат животната средина и екосистемот, но тие се правеа глуви кон потребите на граѓаните и се подготвени да им служат на интересите на нивните деловни партнери“, обвинуваат тетовските екологисти.
Од надлежните служби не може да се дознае колку точно концесии се дадени за изградба на минихидроцентрали на Шар Планина. Засега се изградени две, и тоа над Доброште. Жителите на Вратница и Орашје остро реагираа и со блокади на пристапните патишта успеаја да го спречат почетокот на изградба на неколку хидроцентрали во нивниот регион. Неодамна, Владата се согласи да се донесе предлог закон, со кој Шар Планина треба да се прогласи за национален парк, а со тоа би требало да се преиспитаат и сите доделени концесии за изградба на минихидроцентрали.
З. АНДОНОВ