ХОЛАНДСКИОТ ТУИ НЕ Е ИНВЕСТИТОР НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН ШТО ПРЕКРШИ 12 ЗАКОНИ

    ХОЛАНДСКИОТ ТУИ НЕ Е ИНВЕСТИТОР НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН ШТО ПРЕКРШИ 12 ЗАКОНИИзградбата на нелегалниот хотелот, која и покрај забраната продолжи во јули и се крена до 4 ката, сега е прекината, а градилиштето не е обезбедено, ниту оградено па опасноста да падне нешто и да повреди некого е голема (Фото: СДК.МК)

    Холандскиот туроператор ТУИ потврди дека не е инвеститор во хотелот што на диво се гради во Лагадин во заштитениот појас и на само десетина метри од брегот на Охридското Езеро. Инвеститорот Никола Толевски на 27 јуни за ТВ 24 вести тврдеше дека „во партнерство со холандскиот оператор ТУИ гради мала акомодација со 10 соби и 8 апартмани“.

    Изградбата на хотелот прекршува 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија, а за прекршувањата се поведени судски постапки и ќе се бара одговорност од сите вмешани.

    Од протестниот граѓански перформанс против дивиот хотел во Лагадин на 4 август (Фото: К. Сејфула)

    „Можам да потврдам дека ТУИ не е инвеститор на хотелот во Лагадин. Ние им нудиме разни хотели во Македонија на холандските туристи, меѓу кои и во областа на Лагадин. Кога овој нов хотел ќе биде завршен ние би биле заинтересирани за соработка и да испраќаме туристи. Сепак, ние не сме инвеститори во овој проект, ниту пак сме дел од настаните кои се случуваат во моментов. Имаме намера да влеземе во деловни односи откако хотелот ќе биде завршен и отворен. И се разбира дека го почитуваме законот во Македонија, ТУИ Групата е меѓународна туристичка организација што има особено око и уво за одржливост. Се грижиме за заштитата на животната средина и го почитуваме тоа во секоја земја“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК портпаролката на ТУИ Холандија Петра Кок.

    Изградбата на нелегалниот хотелот, која и покрај забраната продолжи во јули и се крена до 4 ката, сега е прекината, а градилиштето не е обезбедено, ниту оградено па опасноста да падне нешто и да повреди некого е голема.

    БАКРАЧЕСКИ МОРА ДА ЈА СОПРЕ ГРАДБАТА НА ДИВИОТ ХОТЕЛ ВО ЛАГАДИН, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРАТ

    За овој објект, инспекторатот за животна средина се изјасни дека се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба што укажува дека за него не може да се издаде одобрение за градење и утврди дека градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески мора да ја сопре градбата. И покај овој факт, градоначалникот Бакрачески еднаш му издаде одобрение на инвеститорот, но тоа беше поништено откако граѓанското здружение „Охрид СОС“ крена аларм за бројните прекршувања на важечките закони. Инвеститорот ја обжали одлуката за поништување на одобрението, а второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски му ја прифати жалбата и го врати предметот на повторно одлучување во Општина Охрид.

    За да продолжи градењето градоначалникот треба да му издаде ново одобрение, но да ги земе в предвид сите забелешки вклучително и онаа од Инспекторатот за животна средина. Бакрачески не беше достапен да каже дали му издал ново одобрение. Во меѓувреме стапи на сила одлуката за стопирање на сите градежни активности до крајот на август.

    Хотелот почна да се гради на крајот на минатата година и покрај битката против него на охриѓани, инвеститорот изгради четири ката.

    Градоначалникот Бакрачески на охриѓани им должи објаснување зошто не ги преземе сите мерки кои му стојат на располагање за целосно да ја сопре изградбата на хотелот и покрај сите прекршувања на законите.

    „КАКВИ ХОТЕЛИ, КАКВИ БАКРАЧИ“ – ПРОТЕСТ СО ПЕРФОРМАНС ВО ЛАГАДИН

    Жителите и туристите летово повеќепати протестираа против дивоградбата со блокада на патот Охрид – Св. Наум. На 15 јули, додека охриѓани и туристите протестираа, на градилиштето се појави инвеститорот Толевски и место да ги сопре градежните активности кои беа забранети до крајот на август, тој рече дека немал никаква врска со работниците.

    „Не ги познавам овие што работат, што имам јас со нив. Дошле да си ја земат оплатата, нема да чекаат два месеци да поминат“, рече Толевски, не излегувајќи од џипот.

    Инспекцијата е глува и слепа кога ова градилиште во прашање. Немаше казна за прекршувањето на одлуката да не се гради во периодот од први јули до крајот на август, инспекцијата не излегуваше на терен, ниту пак одговараше на пријавите од граѓаните.

    За активностите на градилиштето на хотелот реагираа и од граѓанското здружение „Охрид СОС“.

    „Апелираме до институциите да покажат дека владее правото во РМ, а не урбаната мафија“, рекоа од „Охрид СОС“ и ги повикаа Општина Охрид, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерстото за внатрешни работи во рамки на нивните ингеренции да постапат и да ја спречат изградбата на хотелот.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира