Хотелиерите на охридско-струшката ривиера се подготвени да отстапат 30 отсто од своите капацитети за бегалците од Украина. На листата доставена до Владата понудени се близу 3.000 хотелски соби со 5.000-6.000 легла, а заедно со приватните капацитети, ќе можат да се сместат околу 10.000 украински бегалци.
Од Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) велат дека хотелиерите и досега во многу наврати ги ставале своите капацитети на располагање кога било најпотребно, а тоа ќе го направат и сега. Оттаму додаваат дека иако цените во хотелско-угостителскиот сектор ќе растат поради енергетската криза и поскапувањата на производите, украинските бегалци ќе плаќаат далеку помалку во однос на она што им се нуди во европските земји.
Според ХОТАМ, воената и економската криза ќе го намали бројот на домашни и странски туристи за претстојната туристичка сезона. Велат дека состојбата од ден за ден е сè понепредвидлива, а секојдневните поскапувања ќе го погодат туристичкиот сектор кој сè уште не е закрепнат од ковид пандемијата. Досега има мал број на уплати за одмори од странски гости.
„Ќе има пореметување во ценовната политика, во бројот на странски гости. Очекуваме намален број гости од Полска, која граничи со Украина. Од Холандија ќе доаѓаат, но оние за мај веќе се одложени за еден месец подоцна. Не се знае дали ќе биде и тој термин на полетување, можно е повторно да се одложи“, вели Крсте Блажески, претседателот на ХОТАМ.
Досега во Охридско-струшкиот Регион се сместени десетина семејства од Украина.
С. ВРЕНЦОВСКА