Ниту годинава овоштарите од Росоман и Градско нема да имаат богат и добар род. По ланската суша поради хаваријата на системот Макарија, која се случи кон крајот на мај, овошките и годинава нема да дадат род, предупредуваат земјоделците од регионот.
„Годинава немаше родни папки на кајсијата, а кај праската имаше дупли праски. Плодот ја извлече водата од овошките и немаше доволно вода за да се формираат плодовите. Тие нема да бидат ниту за конзумирање, ниту за конзервната индустрија. Ќе има род, но ќе биде многу мал. И годинава ќе ги чувствуваме последиците од хаваријата на системот Макарија“, кажа Владо Орданов, овоштар од Росоман.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски по хаваријата на Макарија им порача на општините Градско и Росоман да ги проценат штетите што поскоро за да можат земјоделците да бидат обесштетени. Од Општина Градско уште пред два месеца соопштија дека штетата кај нив е проценета на 117 милиони денари за намалениот род на грозјето, кајсиите и праските. Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, и два месеца од поставеното прашање не ја соопштува проценетата штета за оваа општина, а нема одговор ниту од Министерството за земјоделство.
Затоа, пак, министерот Николовски при неодамнешната посета на Велес порача дека земјоделците може да очекуваат да бидат обесштетени по изборите, бидејќи во овој период тоа не е можно.
Од Министерството за земјоделство не одговорија и колку овошје и зеленчук се извезени лани во Украина, откако се затвори пазарот во Русија. Николовски тогаш најави дека украинскиот пазар треба да е замена за рускиот.
П. ПЕЧКОВ