И КОГА ЌЕ ГО ПЛАТИМЕ ДОЛГОТ „ТОПЛАНА СЕВЕР“ ПАК ЌЕ НЕМА ПАРИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ ВО ЧАИР И БУТЕЛ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГАНИУ

    И КОГА ЌЕ ГО ПЛАТИМЕ ДОЛГОТ „ТОПЛАНА СЕВЕР“ ПАК ЌЕ НЕМА ПАРИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ ВО ЧАИР И БУТЕЛ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГАНИУВо Општина Чаир три училишта и една градинка се греат на парно и сега немаат греење. (Фото: Општина Чаир)

    Долгот на Општина Чаир кон „Топлана Север“ не е причина зошто веќе неколку дена не се испорачува топлинска енергија и жителите  на Чаир и Бутел во Скопје останаа без парно греење, вели градоначалникот Висар Ганиу. Тој вели дека Општината има долг од 9 милиони денари кој било договорено да се плаќа на рати, односно по 700.000 денари секоја недела. Но и покрај тоа, компанијата не испорачува топлинска енергија ниту на градинките и училиштатата.

    „Три училишта и една градинка се приклучени на парно греење. Градинката ‘Снежана‘ нема греење, а сите сметки се подмирени. Тоа е спротивно на Законот за енергетика. Ние вчера плативме 2 милиони денари и правиме напори да го подмириме целиот долг. Но, и тогаш Топланата ќе има пари да купи гас само за неколку дена. Ни почнува учебната година наскоро и навистина не знам како ќе се реши овој проблем“, рече градоначалникот Ганиу на денешната прес-коференција на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

    Проблем со парното греење имаат и корисниците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), кои по Нова година се жалат дека радијаторите им се млаки односно не се испорачува топлинска енергија во текот на целиот ден.

    Градоначалничката Данела Арсовска вели дека Град Скопје не може ништо да направи, бидејќи БЕГ има добиено лиценца од Владата и е во тешка финансиска состојба со оглед на наследените долгови и енергетската криза.

    „Би сакала да ја прокоментирам и изјавата на новиот мандатар дека Владата нема да дозволи Скопје да остане без парно. Би ја поздравила оваа изјава на мандатарот и сакам да го посетам дека обврската за ова е на Владата, дека БЕГ има добиено концесија од Владата, а не од Градот и секако тоа е обврска и одговорност на Владата. Воедно се доцни веќе пет месеци за преземање мерки за ублажување на ефектите од кризата. Несериозно е префрлање на одговорноста на институции што немаат ниту средства, ниту одговорност за хаосот настанат во енергетиката. Оваа Влада има, исто така, обврска кон општините и граѓаните, особено бидејќи тие се оставени без средства и задолжени се до максимум“, рече Арсовска.

    ЗЕЛС денеска побара помош од Владата поради зголемените сметки за струја како резултат на енергетската криза.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира