И НЕВРОЛОГИЈА ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА СТАНА КОВИД-ЦЕНТАР, ВО НАЈГОЛЕМИОТ БРАН БОЛНИ ДОСЕГА

    И НЕВРОЛОГИЈА ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА СТАНА КОВИД-ЦЕНТАР, ВО НАЈГОЛЕМИОТ БРАН БОЛНИ ДОСЕГАВо последните 24 часа Тетовската болница има примено нови 24 ковид болни. (Фото: СДК.МК)

    Во Клиничката болница во Тетово заболените од ковид-19 со потешка клиничка слика се сместуваат на Инфективното одделение, во модуларната ковид болница, и на првите два ката од Интерното одделение. Но поради постојаниот раст на бројот на тешки случаи денеска е преадаптиран и третиот кат од Интерното одделение, кое досега беше наменето за лекување на лицата со невролошки проблеми.

    „Во последните 24 часа имавме примено нови 24 пациенти, па поради тоа моравме да го отвориме и Нервното одделение како ковид одделение. Направивме нова реорганизација, побаравме медицински персонал од другите одделенија и успеавме да го оспособиме и овој кат од Интерното одделение. Сега имаме вкупно 104 хоспитализирани пациенти, а вчера имаме 4 починати. Расте и бројот на амбулантските прегледи, вчера имавме дури 224 прегледи. Според моменталната состојба, очекуваме и во наредниот период да се зголемува бројот на пациентите. Од сите бранови кои досега ги имавме овој е, не би рекол дека е најлош, туку дупло полош од најлошиот што го имавме некаде во алрил. За жал, можам да кажам дека граѓаните сѐ уште не внимаваат, не носат маски, не одржуваат дистанца. Мој апел би бил ако луѓето немаат некоја итна работа воопшто да не излегуваат од дома, бидејќи вирусот е насекаде оклу нас“, апелира д-р Гзим Хуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.

    Додека до минатата недела Тетово беше прогласен за град со најмалку вакцинирани, сега на пунктовите за вакцинација има огромни гужви, а за вакцинирање се чека и по неколку часа. Од Општина Тетово соопштија дека вчера биле вакцинирани рекордни 2.338 лица. Од нив, 1.752 примила прва доза од вакцината, а 586 втора доза.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира