Ниту во вториот обид во Основниот суд во Велес не започна судењето во кое се обвинети ексградоначалникот на Велес Славчо Чадиев и поранешниот претседавач на Советот Александар Колев. Овојпат, на рочиштето не дојде Колев.
Неговиот бранител Коста Нојков кажа дека таткото на Колев телефонски го информирал дека утрината му се слошило и нема да се појави, но дека ќе донесе медицинска белешка за неговиот проблем на следното рочиште. На првото рочиште не дојде Чадиев, оти тогаш не му биле врачени поканата и обвинението.
Двајцата се обвинети за злоупотреба на службена положба. Според обвинението, Чадиев усно му одобрил на тогашниот претседател на Советот во периодот од 23 февруари 2014 до 9 август 2016 во повеќе наврати да користи две службени возила за приватни потреби. Колев, без да поднесе писмено барање, возилата ги управувал самостојно и за себе прибавил имотна корист од поголема вредност, пишува во обвинението. Тој во повеќе наврати потрошил 170.598 денари за горивото за двете возила, кои потоа биле исплатени со пари од Општината.
П. ПЕЧКОВ