И ОПШТИНА КУМАНОВО ПОТПИШАЛА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ НА БОКИ 13

    И ОПШТИНА КУМАНОВО ПОТПИШАЛА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ НА БОКИ 13Меморандумот денеска е објавен на сајтот на Општината Куманово, по прозивките во јавноста градоначалникот да одговори какви релации имал со Боки 13. - Боки 13 и Максим Димитриевски (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот Максим Димитриевски во име на Општина Куманово потпишал меморандум за соработка со Асоцијацијата за заштита на цивилно општество и социјално загрозените категории „Меѓународен сојуз“ Скопје на осомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13.

    Меморандумот бил потпишан на 7 декември 2017 година, со важност од една година, а се однесува на поддршка за реализација на проекти од социо-економски карактер, како и промовирање на граѓанското општество и на подигање на цивилизациските вредности.

    „Со овој меморандум Општина Куманово дава поддршка за заедничка реализација на проектни активности, изработка на проекти и соработка во имплементација на други активности, како и третирање на локални прашања од социо-економски карактер, во насока на поголема ефикасност во реализација на нашите заеднички цели и мисии, како и поголема легитимност во барањата адресирани до институциите на локално и национално ниво, а кои се однесуваат на добивање на бенефити во локалната заедница. Општина Куманово и Меѓународниот сојуз се обврзуваат да ја продлабочат соработката и заедничкото поврзување, со цел подобра имплементација на активности, видливост, легитимност и релевантност пред донаторската заедница, меѓународните организации и вкупната јавност. Заедничката соработка ќе се гради во правец на промовирање на граѓанското општество и на подигање на повисоко ниво на цивилизациските вредности“, стои во меморандумот, потпишан од Димитриевски и Јовановски.

    Меморандумот денеска е објавен на сајтот на Општината Куманово, по прозивките во јавноста градоначалникот да одговори какви релации имал со Боки 13.

    „Ниту една активност не беше спроведена“, вели градоначалникот Максим Димитриевски за меморандумот со Боки 13. (Фото: Општина Куманово)

    Од Општината велат дека тоа било вообичаена процедура при средби помеѓу невладини организации и институции и документот – меморандумот не содржел обврзувачки дејствија туку истиот е протоколарен, бидејќи од меморандум не се реализирала ниту една активност и истиот е вон сила.

    „Категорично ги отфрлам сите шпекулации дека јас на каков било начин поврзан со целиот настан кој ја бранува јавноста. Единствено што мене и општината не поврзува со оваа невладина организација е потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и ‘Меѓународен сојуз Скопје’ чиј претседател е Бојан Јовановски, но одговорно тврдам дека во времетраење од една година на договорот, ниту една активност не беше спроведена. Дополнително стојам на располагање за сите прашања што ја засегаат јавноста, поврзани со ваквите погрешни тврдења“ – изјави градоначалникот Максим Димитриевски, кој се залага за интензивна истрага и експедитивна разрешница на случајот „Рекет“.

    Меморандуми за соработка со Боки 13 потпишале и други градоначалници од СДСМ, а некои се повикани да сведочат во Јавното обвинителство.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира