Недела да биде работен ден, бара Општина Струга оти градот живее од туристи, а пред почеток на летната сезона со затворени дуќани ќе трпи огромни загуби.
„Струга е град кој зависи од летната сезона, така што, недела неработен ден сериозно ќе го загрози и негативно ќе влијае на локалниот економски развој и пошироко. Очекуваме посета на министерот за економија и заеднички да разговараме за изнаоѓање на решение кое ќе ги задоволи потребите на граѓаните на Струга“, велат од Општина Струга.
Од Општината додаваат дека туристичкиот сектор, гастрономијата, кафе-баровите и дуќанџиите треба да работат во недела за време на престојната туристичка сезона и очекуваат дека Владата ќе најде прифатливо решение.
Претходно и охридските дуќанџии реагираа за огромните загуби кои ги трпат поради новиот Закон за недела неработен ден со кој мораа да стават клуч на врата во време кога има најмногу туристи. Незадоволни поради забраната да работат во недела велат дека се на раб на егзистенција, оти градот како туристички центар најголемиот промет го прави за време на викенди и празници.
„Охрид како туристички центар, охридската чаршија и охридскиот еснаф трпат огромни штети. Со овој закон сме ставени во кош со сите други градови иако Охрид има една специфика, не работиме преку цела година туку исклучиво за време на викенди, продолжени викенди и за време на летната туристичка сезона“, вели Маја Бакалова од здружението на трговци „Чаршиски еснаф“ во Охрид.
Охридските дуќанџии велат дека биле принудени на дел од вработените да им го скратат работното време, па бараат итно решавање на проблемот за да можат да ги задржат вработените кои со години работат кај нив.
„Најмалку сакаме да ги отпуштиме вработените кои со години работат кај нас. Тешко е да се најде добар работник но, за жал, прометот е толку паднат што едвај преживуваме“, вели Бакалова.
Повеќе од 4 месеци откако стапи на сила Законот за недела неработен ден, охридската чаршија остана празна. Дуќанџиите повеќе пати побараа државата и Општината да имаат слух за нивните барања и да го изземат Охрид од Законот кој го уништува охридскиот еснаф и туризмот во градот. Велат дека сликата која ја оставаат пред ионака малкуте туристи кои доаѓаат за викенд, со затемнети излози и затворени дуќани во чаршија, е недозволива.
Охридските дуќанџии добија поддршка од Општината, Здружението на туристички водичи, Хотелската асоцијација (ХОТАМ), Здружението на угостители и Регионалната занаетчиска комора.
С. ВРЕНЦОВСКА