И ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ СЀ УШТЕ НЕМА КОНЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    И ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ СЀ УШТЕ НЕМА КОНЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВОВо кругот на Клиничката болница во Тетово сè уште се наоѓаат остатоците од модуларната ковид боолница. (Фото: СДК.МК)

    Навршија шест месеци кога на кобната ноќ на 8 септември се запали и за кратко време целосно изгоре модуларната ковид болница во Тетово. Во пожарот кој за неколку минути целосно ја пеплоса болницата, животот го загубија 12 пациенти кои беа тука на лекување и двајца членови на семејства на пациентите кои во времето на избивањето на пожарот биле во болницата. Веднаш, откако пожарот беше изгаснат, стручните екипи на МВР и на Јавното обвинителство ја започнаа истрагата за да се откријат причините за пожарот.

    По едномесечна истрага МВР го известува ЈО дека со вештачењето се утврдува дека „пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби“.

    По ова Обвинителството побара помош и од странски истражители па во Тетово дојде експертска и форензичка група од Германија која неколку дена работеше и ги испитуваше причините за пожарот во болницата.

    На тој извештај Обвинителството чекаше неколку месеци. По добиените резултати беше соопштено дека наодите на германските експерти во многу се совпаѓале со оние до кои дошла истрагата на МВР. Во истрагата за причините за пожарот беа вклучени 9 јавни обвинители, но и после шест месец од пожарот, Јавното обвинителство уште ги разгледува извештаите и сé уште не одлучило дали и против кого ќе покренат обвинение.

    „Во предметот во континуитет се преземаат дејствија во рамките на предистражна постапка со цел да се утврдат сите факти и околности. ​Во таа насока, беше наредено вештачење од МВР ОКТИВ, кое обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Беа наредени и извршени уште две вештачења – од Технолошкиот факултет и од стручно лице – електроинжинер. По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од ОКТИВ. Сепак, сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. ​Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена“, се вели во соопштението испратено денес од Службата за односи со јавноста на ЈО.

    Во кругот на Клиничката болница во Тетово сè уште се наоѓаат остатоците од модуларната ковид боолница. Пристапот до опожарениот објект уште не е дозволен бидејќи истрагата не е завршена.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира