ИАКО ИМ БЕШЕ ВЕТЕНО, ДЕЛ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ОД ТЕТОВСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА НЕ ДОБИЈА РЕШЕНИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ, А НА НИВНО МЕСТО СЕ ПРИМЕНИ ЛИЦА ОДНАДВОР

    ИАКО ИМ БЕШЕ ВЕТЕНО, ДЕЛ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ОД ТЕТОВСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА НЕ ДОБИЈА РЕШЕНИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ, А НА НИВНО МЕСТО СЕ ПРИМЕНИ ЛИЦА ОДНАДВОРНа протестот беа искажани обвиненија дека на конкурсот биле примени лица без работно искуство и кои биле блиски и роднински поврзани со локални челници од владејачките партии (Фото: СДК.МК)

    Дел од медицинските сестри кои повеќе години работеа со договор на дело во Клиничката болница во Тетово повторно извисија и не добија решение за вработување на неодредено време. На конкурсот кој беше распишан во јули за прием на 119 медицински сестри и друг медицински персонал, а кој се реализира по локалните избори, тие требаше да имаат предност во вработувањето, но се пријавиле и други кандидати надвор од Клиничката болница и дел од нив биле примени.

    Поради ова, медицинските сестри кои беа одбиени на конкурсот излегоа на протест пред управната зграда на Клиничката болница и кон болницата и раководниот кадар упатија обвинувања дека не им биле исполнети ветувањата дека ќе добијат решенија на неопределено време. Исто така, тие обвинија дека на овој конкурс се примени блиски роднини на челници на партиите на власт кои воопшто немале или имале минимално работно искуство.

    „И покрај ветувањата од министерот Алиу, директорот Елези и градоначалникот Касами, со нашите работни места се поигруваат членовите на владејачките партии. Сите ние сме со повеќегодишно работно искуство, а не како оние кои се примени однадвор. Денеска повторно се собравме овде да ги бараме нашите права. Не е фер да ги прекинувате договорите поради политички цели, како што направивте со некои наши колешки. Не е фер да примате надворешен кадар без искуство кога веќе имате искусен и обучен кадар. Имаме рендгенолог со тригодишно искуство, а примено е лице однадвор, имаме медицински сестри, фармацевтски техничари, физиотерапевти и лаборанти со работно искуство од шест до 10 години, а примени се лица однадвор“, изјави Ивона Неделковска.

    На протестот беа искажани обвиненија дека на конкурсот биле примени лица без работно искуство и кои биле блиски и роднински поврзани со локални челници од владејачките партии.

    „Јас работам во инсулинската аптека шест години и конкурирав како фармацевтски техничар. Членови на ВМРО-ДПМНЕ ми посочија за да бидам сигурна дека ќе добијам решение, треба да одам на нивните партиски состаноци и да извадам партиска книшка. Не може некој претседател на месен комитет да одлучи за мене дека нема да бидам примена на работа, а на моето место да ја примат сопругата на нивни сопартиец, кој е член на Управниот одбор на Клиничката болница. Друг кој е примен на местото за кое јас конкурирав е синот на главната сестра во нашиот медицински центар, кој е со едногодишно искуство, а јас имам шест години работно искуство“, обвинува Неделковска.

    Претставници на хонорарците побараа одговор од директорот на Клиничката болница во Тетово, Ерзен Елези, зошто не е исполнето ветувањето за нивно трајно вработување. Елези негираше дека политичките партии влијаеле на изборот на кандидатите. Тој ги советуваше да го обжалат секое вработување на надворешен кадар до второстепена комисија.

    „Овој конкурс е јавен и може да конкурира секој, па и лица надвор од болницата. Сите не можеме да ги примиме. Примени се 80 отсто од тие кои се со договор на дело“, истакна Елези.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира