„Да не ја вртам на политика работата, но за жал, главни ѕвезди во нашето живеење станаа политичарите и само оние актери кои им служат во оставрувањето на политичките и партиските интереси се спомнуваат одвреме-навреме, рече актерот и продуцент Симеон Мони Дамевски на oмажот на неговиот татко, легендарниот актер Дарко Дамевски (1932-1983), што синоќа се одржа во киното „Мис Стон“ во неговиот роден град Прилеп. Поводот беше 55-годишнината откако Дамевски ја доби наградата Златна Арена за најдобар актер на ексјугословенскиот филмски фестивал во Пула за улогата во „Црно семе“, култниот филм на Кирил Ценевски од 1971.
На омажот беше истакнато дека Македонија има театарски и филмски великани кои се подзаборавени, па потребно е преку вакви настани да се чува споменот за нив.

актерот и продуцент Симеон Мони Дамевски на oмажот на неговиот татко, легендарниот актер Дарко Дамевски. (Фото. СДК.МК)
„Ние имаме великани, не само татко ми, туку и Коле Анѓеловски, Петре Прличко, Илија Џувалековски и други, добитници на најголемите награди во поранешна Југославија. Тие награди тогаш не се добиваа така лесно. Имаше натпревар меѓу 20 милиони луѓе, се натпревваруваа со Шербеџија, Самарџиќ и други. Тоа беа луѓе кои ја градеа нашата култура, на кои почиваше нашата уметност. Денес го губиме тлото под нозете само затоа што мислиме дека од нас почнуваат работите. Не почнуваат од нас, некој работел пред нас. Убаво е да се сетиме и да ги чествуваме тие луѓе“, рече Мони Дамевски.
Тој на настанот ја донесе и Златната Арена на Дарко Дамевски за која рече дека ја чувал дома, но има желба да ја подари на Кинотека на Македонија.
„Сѐ што беше од архивскиот материјал на татко ми предадов во Архивот во Скопје, а оваа ќе ја дадам во Кинотеката. Таму имаат убав излог каде се изложени Златниот лав на Милчо Манчевски, ‘Златната Арена на Љупчо Конатантинов и на Столе Попов за ‘Среќна Нова 49’. Кога ќе дојдат младите уметници убваво е да видат дека имаме и ние злато“, рече Дамевски.

Дамевски ја донесе и Златната Арена на Дарко Дамевски за која рече дека ја чувал дома, но има желба да ја подари на Кинотека на Македонија. (Фото: СДК.МК)
Во киното беа прикажани изложба за Дамевски од Театар Комедија од Скопје, по идеја на Саша Шотаровски, фотографиите беа изработени од Виктор Семенпеев и ,,Софија принт’’ Скопје, омаж филм од Горан Марковски, имаше проекција на „Црно семе“. Настанот беше поддржан од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и Ротари клубот од Прилеп.
„Живееме во турбулетно време, малку оддалечени од вредностите и затоа како луѓе постојано треба да се потсетуваме за нив. Јас како млад човек не сум имал физички контакт со Дамевски, но ги знам неговите филмови. Треба и образовнието, а и ние како општествени чинители – центри за култура, театари, повеќе да работиме да го негуваме ова. Не да почнуваме од денес да градиме натаму, туку да го земеме нивниот пример и да го продлжиме“, рече Михајло Миленкоски, актер и раководител на Народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
На настанот присустввуваше поширокото семејство Дамевски, актери, уметници и други граѓани од Прилеп.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




