ИМАВМЕ ЧУВСТВО ДЕКА ГОРИ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА, ДВА МЕСЕЦА СЕКОЈ ДЕН ЛЕТАВМЕ И ГИ ГАСЕВМЕ ПОЖАРИТЕ, ВЕЛАТ ПИЛОТИТЕ МЕТОТКА СТОЈАНОВ И ДРАГАН ЈОВАНОВСКИ

    ИМАВМЕ ЧУВСТВО ДЕКА ГОРИ ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА, ДВА МЕСЕЦА СЕКОЈ ДЕН ЛЕТАВМЕ И ГИ ГАСЕВМЕ ПОЖАРИТЕ, ВЕЛАТ ПИЛОТИТЕ МЕТОТКА СТОЈАНОВ И ДРАГАН ЈОВАНОВСКИОпштина Штип годинава на Стојанов и Јовановски им ја врачи наградата „8 Ноември“, што се доделува по повод Денот на ослободувањето на Штип. (Фото: СДК.МК)

    Штипските пилоти Метотка Стојанов и Драган Јовановски летово два месеца секој ден ги гаснеа пожарите кои ја зафатија целата територија на Македонија. Стојанов е пилот на ер трактор вработен во Дирекцијата за заштита и спасување, а Јовановски е пилот на хелокоптер, вработен во Министерството за внатрешни работи во специјалните хелокоптерски единици.

    Искусните пилоти со голема пожртвуваност, активно и деноноќно, се вклучија во акцијата со сите расположиви сили во државата, во што напомош пристигнаа и нивните колеги со своите летала од Турција, Словенија и други земји.

    „За два месеца имав над 400 летови со повеќе од 200 часови активно гаснење пожари. Со ер тракторот што го летав полнев вода од сите природни и вештачки езера во Македонија, најмногу од Тиквешкото и Охридското, во зависност од тоа во која област гасневме“, вели Стојанов, кој како долгогодишен член на Штипскиот аероклуб е и инструктор за летање со едрилици, за што се стекнал со сертификати на повеќе обуки во земјата и странство.

    Неговиот помлад колега Драган Јовановски, поранешен ракометар и младински репрезентативец на Македонија, исто така повеќе од два месеца секојдневно имал ангажмани поврзани со гаснењето на пожарите, но истовремено со хелокоптерот пилотирал и за други задачи во рамките на МВР.

    „Во тие оперативни мисии околу пожарите имав најмалку 900 часови поминати во воздух. Најризични акции заедно со колегите од другите два хеликоптера на МВР имавме во гасмењето на пожарите на Серта. Носена од ветерот, огнената стихија се ширеше најпрвин во планинскиот предел од селото Пиперово преку Серта од левата страна на патот Штип-Неготино, а преку ноќ се префрлуваше од десната страна на патот, од штипското село Селце преку Серта кон Криволанечкиот Регион“, вели Јовановски.

    На Стојановски најтешки му биле летовите на Галичица, каде што пожарите траеле со недели, а било тешко да се локализираат и од небо и од земја затоа што избувнувале во предели каде што имало останати гранати од Првата светска војна кои често експлодирале и ја загрозувале нивната безбедност.

    „За тие два месеца од мојот ер трактор исфрлив над 1.000 тони вода во опожарените подрачја. За гаснењето на пожарите на Галичица полневме вода од Преспанското Езеро кога пожарите се појавија од таа страна, а потоа кога се префрлија преку планината, полневме вода од Охридското Езеро. Сепак, најтежок за гаснење беше пожарот во Јасен. Трите тони вода што ги испуштавме од ер тракторите беа поефикасни ако се пуштаа од помала висина. Многу често моравме да внимаваме и да имаме добра проценка затоа што летавме многу ниско заради поголема ефикасност, се спушатавме на десетина метри над пожарот, а некогаш и на неколку метри“, вели Стојанов .

    Јовановски додава дека тие летни месеци биле претежно ангажирани околу пожарите, но службата и настаните понекогаш налагале истовремено да имаат и други летови, па со неговиот хеликоптер пренесувале тешко болен за Австрија, а во една прилика пренеле тешко болно лице со извршена операција од Истанбул во Македонија. Летале и за потрага на изгубени лица во планина и за спуштање специјалци кои морале да укажуваат помош на повредени на непристапни терени.

    Стојанов и Јовановски гаснеле пожари и на Плачковица, во Струшко и во Малешевијата, а имале и заеднички летови, кога едниот делувал со ер тракторот, а другиот со хеликоптерот. Велат дека акциите биле добро организирани и координаирани од Дирекцијата за заштита и спасување и од МВР.

    И двајцата имале повеќе заеднички летови и со колегите од другите земји кои долетаа да помогнат. Со ер тракторите сите полетувале од Петровец, а хеликоптерите имале повеќе можни локации за полетување. Притоа разменувале искуства, а македонските пилоти се многу благодарни на колегите од странство кои несебично учествуваа во сите акции.

    За нивните пожртвуваност, храброст и придонес во гаснењето на пожарите, Општина Штип им го врачи највисокото признание на градот, признанието „8 Ноември“, што се доделува по повод Денот на ослободувањето на Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира