Зградата на Инфективното одделение во Штип ќе се реконструира до крајот на август. Во оваа зграда единствено ќе работи инфективната амбуланта, која ќе врши прегледи за цело време на реконструкцијата.
„Обновата се врши со пари од европските фондови преку ИПАР програмата во износ од 160.000 евра. Таа се пролонгираше поради пандемијата, но ќе биде запазен рокот сè да биде завршено до крајот на август. Прозорците и вратите веќе се сменети на еден кат“, рече директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев.
Тој информираше дека паралелно треба да се изгради и посебен систем за кислородна поддршка за целата зграда, кој се покажа како голема потреба во пандемијата. Ковид пациентите сега се сместуваат во модуларната болница изградена во непосредна близина на Инфективното одделение. Во последните неколку дена се бележи пораст на бројот на оздравени. Моментално, во модуларната болница има десет пациенти, од кои половина се на кислородна поддршка.
Т. ЈОВАНОВСКИ