Eмисиите на прашина и сулфурен диоксид што се мерат на двата оџака на РЕК „Битола“ ги надминуваат граничните вредности, како и максималните вкупни емисии утврдени со Националниот план, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина врз основа на надзорот извршен овој месец. Воедно, при мерењата на загадувачките материи во селата Дедебалци, Гнеотино и Рибарци утврдено е дека нема отстапувања од дозволените концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5, сулфурен диоксид и азот диоксид во последните шест месеци.
Според извештајот што Инспекторатот го објави на неговата веб страница, наместо во 2018 да се постигнат 15.855 тони сулфурен диоксид, реалните емисии биле 53.855 тони. Во 2019, лимитот бил надминат уште повеќе – 6,8 пати. Лимитот на емисии на прашина бил надминат за 2,06 пати во 2018, а следната година за 2,17 пати. Додаваат дека комбинатот и натаму нема добиено дозвола за усогласување со оперативен план, а рокот е истечен во 2019.
„Вкупните емисии на сулфурен диоксид делумно ќе се намалат со планираната гасификација на првиот блок, но доколку другите два продолжат да користат јаглен и мазут како гориво, неопходно е итно да се започне со инвестирање во десулфуризација и изведба на систем за континуиран мониторинг на емисиите“, пишува во соопштението.
Од РЕК „Битола“ соопштија дека од 2017 година, кога се случи промена на раководството, со забрзано темпо ги следат и реализираат бројните еколошки процеси за кои имаат преземено обврска.
„Одлагалиштето за пепел од некогашните 33.000 кубни метри непокриена површина е сведено на оптимален минимум само за дневно работење од околу 2.700 кубни метри. Отворена е нова касета за одлагање пепел, направени се капитални ремонти на сите три блока со кои се оптимизира работата и се намалуваат емисиите и намалена е потрошувачката на мазут, која во изминатата деценија достигала и до 33.000 тони дневно. Во последните години, таа падна под 9.000 тони“, соопштија од РЕК.
Уште додаваат дека се набавени еколошки автобуси за превоз на вработените, а во 2019 е поднесено барање до Министерството за животна средина за добивање А-интегрирана еколошка дозвола.
„Претстојат реконструкција на електростатските филтри до 2023 и десулфуризација до 2026 година за блоковите 2 и 3. Блок 1 ќе добие алтернативно гориво за производство. Десулфуризацијата е голема инвестиција, која, заедно со филтрите, достигнува вредност од стотици милиони евра и потребно е време да се реализира“, соопштија од РЕК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА