ИНСПЕКЦИИТЕ ДА КАЖАТ КОЈ Е КРИВ ЗА НАТРУПАНОТО ЃУБРЕ НИЗ СКОПЈЕ, А НЕ САМО ДА СЕ ДАВААТ ПРЕПОРАКИ, БАРААТ АКТИВИСТИТЕ

    ИНСПЕКЦИИТЕ ДА КАЖАТ КОЈ Е КРИВ ЗА НАТРУПАНОТО ЃУБРЕ НИЗ СКОПЈЕ, А НЕ САМО ДА СЕ ДАВААТ ПРЕПОРАКИ, БАРААТ АКТИВИСТИТЕРасфрлано ѓубре на паркингот спроти Градските гробишта Бутел во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Државните институции јавно да ги објават наодите од вонредните инспекциски надзор кој го побара Владата, а не само да даваат препораки, велат од Граѓанската иницијатива „Независни заедно“. Повеќе од една недела Скопје е под купишта ѓубре, бидејќи Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“ нема исправни камиони, не се собира сметот, а купиштата само се натрупуваат. Изминативе денови некои општини ги празнеа контејнерите со помош на механизација од други градови.

    Вчера, Институтот за јавно здравје го објави извештајот кој го побара Владата, според кој епидемиолошката состојба во Скопје е стабилна, но се препорачува одржување на лична хигиена при ракување со отпад како што е користење на ракавици, маска, миење раце, дезинфициенс, совесно одлагање на отпадот во контејнери и избегнување на нелегални депонии како и затворање на капаците на кантите и избегнување физички контакт со отпадот и исцедокот. Тоа е главната препорака на Институтот кој е дел од интеринституционалната работна група за справување со актуелната состојба со отпадот во Скопје. Во групата се вклучени Институтот за јавно здравје, МВР Скопје, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и ДСЗУ.

    Од „Независни заедно“ бараат  јавно да се утврди што точно е проблемот, дали станува збор за организациски хаос, технички или финансиски недостиг или намерна блокада во функционирањето на системот.

    „МВР, Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат  и Институтот за јавно здравје мора да комуницираат со јавноста не само со препораки. Задолжително да ја информираат јавноста за наодите – дали се утврдени прекршувања, занемарување на службена должност или системски пропусти. Ние граѓаните имаме право да знаеме зошто во Скопје ни се случува оваа криза“, велат од граѓанската иницијатива.

    Расфрлано ѓубре на паркингот спроти Градските гробишта Бутел. (Фото: СДК.МК)

    Епидемиологот од ИЈЗ Драган Кучински вчера рече дека се изготвени конкретни предлог-мерки за справување со здравствените ризици поврзани со отпадот. Мерките се поделени во две категории, за општото население и за надлежните институции.

    „Најважни се мерките за лична и колективна хигиена – често миење и дезинфекција на рацете, користење ракавици при одлагање отпад, како и строго почитување на местата предвидени за одлагање, како што се контејнерите. Граѓаните да не создаваат диви депонии, кои дополнително ја загадуваат животната средина, и да внимаваат на правилно управување со домашниот отпад“, рече Кучински.

    Во однос на институциите, Кучински кажа дека е неопходна заштита на работниците кои го собираат отпадот преку користење лична заштитна опрема и редовна вакцинација. Меѓу предложените мерки се и итно собирање на насобраниот отпад, дезинфекција, дезинсекција и дератизација според епидемиолошки индикации.

    „Редовното собирање на отпадот, особено во погусто населените места, треба да се врши најмалку еднаш дневно, а во останатите области според планот на комуналните претпријатија“, додаде тој.

    Проф. д-р Мирјана Димовска рече дека целта на мерките, препораките и активности е заштита на јавното здравје, со фокус на целокупното население, а особено на ранливите групи како што се децата, болните и бремените жени. Таа апелираше до надлежните институции да постапуваат согласно законските обврски и да спречат поставување контејнери во близина на здравствени установи, училишта и други објекти каде што се бараат високи хигиенски стандарди.

    Како клучна мерка, Димовска ја истакна потребата од воведување на примарна селекција на отпадот во домаќинствата, прво волонтерски, а потоа и законски облигаторно.

    „Органскиот и неорганскиот отпад не смеат да се мешаат, бидејќи тоа создава исцедок кој е потенцијален извор на зарази“,  рече таа.

    Директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска кажа дека меѓу препораките е Општините да направат вонредна итно вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите, и иако тоа не е толку лесно во поглед на снабдување со соодветни средства, Општините треба да најдат начин тоа да го спроведат дополнително во овој период.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира