Заклучно со вчера, во октомври се аплицирани над 20.000 вакцини за сезонски грип, а закажани се 39.000 термини за кои граѓаните преку Мој термин добиле порака за вакцинирање со точен датум и пункт, соопшти министерот за здравство Беким Сали кој денес го посети вакциналниот пункт во Центарот за јавно здравје. Тој рече дека вакцинирањето се одвива во најдобар ред на сите пунктови во државата.
„Вакцинацијата започна навремено, првпат во октомври за разлика од претходните години кога беше во ноември, а некогаш и во декември. Новина е што од следната недела почнуваме со имунизација на терен, односно вакцинирање на лица по старски домови и пациенти во дијализни центри. Од Министерството за здравство се обезбедени 40.000 вакцини против сезонски грип за ранливи категории население, а дополнителната количина од 20.000 дози е донирана од Организацијата за развивање на имунизацијата. Од донацијата се пристинати вакцините, во тек се процедури и ќе бидат за употреба следната недела“, рече Сали.
Тој нагласи дека во набавката на потребните дози се раководеле според бројките од минатата година. Но, интересот е поголем и доколку треба дополнително ќе се набават уште дози, а тоа ќе биде показател идната година да планираат многу повеќе вакцини за сезонски грип од предвиденото.
Директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Бесим Зекири, изјави дека работат во две смени од 7,30 до 18,30 часот за да ги задоволат потребите на граѓаните.
„Сметам дека овој период, октомври и ноември, е најдобар за вакцинација и апелирам до граѓаните масовно да се вакцинираат како најсигурен начин за заштита против сезонски грип“, рече Зекири.
Со бесплатна вакцинација се опфатени граѓаните од ранивите групи: стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца од 6 месеци до 6 години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА