ИНВЕСТИТОРИТЕ МПЦ И „МГ ФЕШН” ПОБАРАА ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА ДА ЈА ГРАДАТ ПРВАТА КУЛА КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН” 

    ИНВЕСТИТОРИТЕ МПЦ И „МГ ФЕШН” ПОБАРАА ОД ОПШТИНА ЦЕНТАР ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА ДА ЈА ГРАДАТ ПРВАТА КУЛА КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН” На една од трите градежни парцели кај „Холидеј ин", според проектот на инвеститорите, ќе се градат две станбени згради од 20 и 22 ката, со 400 станови и 1.200 жители. Третата зграда ќе биде деловен центар со 16 ката. (Фото: МГ Фешн)

    Инвеститорите „МГ Фешн” и Македонската православна црква поднеле барање за градежна дозвола за првата кула кај „Холидеј ин”. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ потврди дека во електронскиот систем на Општина Центар е поднесено барање од инвеститорите.

    „Барањето сѐ уште не е потпишано, односно не е правосилно. Секој има право да поднесе барање бидејќи на сила не е мораториумот”, рече Богдановиќ одговорајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК на отворањето на детско игралиште во Дебар Маало.

    На нашето прашање дали ќе издаде градежна дозвола за првата кула од 20 ката на парцелата на МПЦ-ОА, Богдановиќ одбиваше директно да одговори, ама кажа дека нема законска можност да се спречи.

    Дали Општината ќе го суспендира овој Детален урбанистички план како единствен начин да се спаси срцето на Скопје од градби кои се спротивни на Генералниот урбанистички план сѐ уште не се знае.

    Седница на Советот на Општина Центар на која треба да се донесе таква одлука не е закажана, а градоначалникот Богдановиќ не знае ни кога ќе се закаже. Вели тој не одлучувал за тоа туку претседателката на Советот во консултација со советничките групи. Сепак градоначалникот има право да свика итна, вонредна седница.

    Според презентираниот проект инвеститорите ќе градат на парцелата број 1.1. која е државното земјиште кое им беше продадено во 2018 кога министер за транспорт и врски беше Горан Сугарески од СДСМ и земјиштето на МПЦ-ОА. Прво ќе ја гради станбената 20-катница за која е побарана градежната дозвола и се платени комуналии од 2,4 милиони евра на Град Скопје и на Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.

    Што и дали ќе гради на останатите две градежни парцели каде се куќите на жителите на Ново Маало инвеститорот „МГ Фешн“ не кажа.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира