ИСЕЧЕНИ ГРАНКИТЕ НА 13 КОСТЕНИ ВО ТЕТОВО ОТИ ПТИЦИТЕ ПРАВЕА МНОГУ БУЧАВА И ИЗМЕТ

    ИСЕЧЕНИ ГРАНКИТЕ НА 13 КОСТЕНИ ВО ТЕТОВО ОТИ ПТИЦИТЕ ПРАВЕА МНОГУ БУЧАВА И ИЗМЕТПоткаструвањето на дрвјата уследи по поплаките на бројни граѓани. (Фото: СДК.МК)

    На булеварот Маршал Тито во Тетово, каде што се наоѓа комплексот банки и станбени објекти, работниците на ЈКП „Тетово“ денеска ги исекоа гранките на 13 диви костени. Оваа интервенција доаѓа откако голем број луѓе кои овде живеат, работат и поминуваат се пожалиле на непријатниот мирис и големите количини измет што ги создаваат бројните птици кои се собираат на овие дрвја.

    „Во изминатиов период, на гранките на овие дрвја се населија голем број врапци, чавки и друг вид птици. Покрај големата бучава што ја создаваа, целата оваа улица и тротоарот беа затрупани од птичји измет, што пак создаваше голема смрдеа. Вакви акции на поткастрување на дрвјата ги правиме насекаде низ градот на секои 5-6 години. За тој период, на дрвјата повторно ќе им израснат големи гранки“, велат од ЈКП „Тетово“.

    Акцијата ја поздравуваат и граѓаните, посебно оние кои работат и живеат во овој дел од градот.

    „Од ден на ден стануваше несносно овде да се живее. Секоја приквечерина во гранките се собираа илјадници птици, кои, освен што правеа несносна бучава, го затрупуваа тротоарот со измет. Ако ги погледнете лисјата на дрвјата и тротоарот, тие се бели од измет. Слична беше состојбата и пред неколку години, и тогаш мораа да се сечат гранките за да се спасиме од наездата на птиците“, вели еден тетовец кој живее на оваа улица.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира