Стотина стебла борова шума се исечени вчера на излезот од Штип, во близина на манастирот „Света Недела“. За еден месец, ова е втор ваков инцидент на вандалско сечење борова шума. Сторителите и во двата случаи не се откриени.
Од кабинетот на градоначалникот на Општина Штип Сашко Николов велат дека веднаш била ангажирана инспекцијата и шумската полиција кои излегле на терен и ја утврдиле бесправната сеча. Било наредено да се формираат патролни служби.
За случајот општинските власти го информирале СВР Штип, од каде најавуваат пријава против непознат сторител, но истовремено и сеопфатна истрага за откривање на сторителите затоа што ваков вандализам се случува во континуитет.
Граѓаните кои имаат викендици во овој дел велат дека изминативе години голем дел од боровата шума ја снемува.
„Од двете страни на патот има убава борова шума што ние како ученици уште пред 30, 40 или 50 години ја подигавме со разни работни акции. Милина беше да се шета покрај густата шума од двете страни на патот. А сега, сликата е грозна кога гледаме стотици, стотици до корен исечени дрвја“, велат жители кои се рекреираа во месноста кај „Света Недела“.
Т. ЈОВАНОВСКИ