Повотрно е вандализирана црквата „Пресвета Богородица“ во липковското село Матејче, прогласена за културно наследство во опасност. Непознати лица овојпат го прекопале подот на црквата, а извадиле и дел од оловниот лим кој остана на покривот на централната купола на манастирската црква.
За уништувањето на вредното културно и црковно наследство соопшти Кумановско-Осоговската епархија преку социјалните мрежи, откако член на црковниот одбор во Матејче ги видел оштетувањата.
„Како сопственици на заштитено културно добро, ја известуваме јавноста дека во манастирот ‘Пресвета Богородица’, с. Матејче, Општина Липково, од страна на непознат сторител е извршен неовластен упад во црковен имот. Извршено е провалување во затворените простории на манастирската црква. Копано е на подот на манастирската црква, ископана е голема количина на земја, при што се извадени и осквернавени посмртните останки на порано погребани лица на ова место. Исто така, причинета е значителна материјална штета и кражба на оловен лим од централната купола на манастирската црква“, велат од еапрхијата во соопштението.
Случајот денеска бил пријавен во Кумановската полиција.
„Во манастирот во село Матејче, Општина Липково, било влезено со употреба на сила, била оштетена црквата и биле одземени повеќе предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од СВР Куманово.
Кон крајот на минатата година директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџи-Пецова најави дека кровот на манастирската црква во Матејче ќе се покрива со византиски тип на ќерамиди, откако биле украдени оловните плочи од кровната површина и на првата платформа над вратите неколку години претходно.
- НЕМА КОЈ ДА ЈА ЗАШТИТИ ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ПА КРАДЦИТЕ ГИ ДОИЗВАДИЛЕ ОЛОВНИТЕ ПЛОЧИ ОД КРОВОТ
- ОШТЕТЕН КРОВОТ НА ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ИСКОРНАТИ И СКРШЕНИ ОЛОВНИ ПЛОЧИ
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче е изградена во 1362, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14. век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил, карактеристичен за епохата на Палеолозите.
С. НИКОЛИЌ