ОШТЕТЕН КРОВОТ НА ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ИСКОРНАТИ И СКРШЕНИ ОЛОВНИ ПЛОЧИ

    ОШТЕТЕН КРОВОТ НА ЦРКВАТА ВО МАТЕЈЧЕ, ИСКОРНАТИ И СКРШЕНИ ОЛОВНИ ПЛОЧИМестата каде што е тргнат лимот ќе почнат да протекуваат и со тоа дополнително ќе се оштети внатрешноста во црквата. (Фото: СДК.МК)

    Оштетен е кровот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче, во Општина Липково. Од покривот се откорнати плочи од олово кои ја покривале првата патформа над вратите на црквата. Оштетувањата викендов ги откриле ловџии кои престојувале во планината и случајот го пријавиле во полициските станици во Матејче и во Куманово. Кумановската полиција трага по сторителите.

    „Од кровот се извадени оловни плочи, дел се однесени, дел се расфрлани низ дворот. Се гледа дека сторителите дошле со возило, бидејќи има траги од гуми. Се поткачиле на скала и ги кршеле и откорнале плочите. Не знаеме кога биле, но направиле голема штета. Ова не е првпат. Местата каде што е тргнат лимот ќе почнат да протекуваат и со тоа дополнително ќе се оштети внатрешноста во црквата“, вели член на црковниот одбор кој ни ги испрати фотографиите.

    Од кумановската полиција потврдуваат дека вчера кај нив е пријавено оти е оштетен кровот на црквата во Матејче, по што извршиле увид на лице место.

    „На 27. декември во 10.35 часот било пријавено дека во црква во село Матејче непознат сторител извршил оштетување на кровна конструкција и одзел предмети од кровот. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на настанот и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот“, соопшти Кумановската полиција за САКАМДАКАЖАМ.

    Од кровот се извадени оловни плочи, дел се однесени, дел се расфрлани низ дворот. Се гледа дека сторителите дошле со возило, бидејќи има траги од гуми. Се поткачиле на скала и ги кршеле и откорнале плочите, велат од црковниот одбор. (Фото: СДК.МК)

    За случајот се известени во МПЦ-ОА, но и во Мистерството за култура од каде вчера испратиле екипа на терен. Црквата во Матејче постојано е мета на вандали, поради тоа што нема физичка заштита.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.

    Црквата во Матејче е еден од најзначајните објекти во Македонија и нејзината грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001 година. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

    Министерката за култура Ирена Стефоска, по доаѓањето на функцијата во септември минатата година, кажа дека заштитата на културното наследство ќе биде нејзин врвен приоритет и макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“. Притоа на прво место го стави прогласувањето за културно добро во опасност на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

    „Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, кажа лани Стефоска.

    Оваа година, Министерството за култура за проекти од национален интерес во областа на недвижно културно наследство во програмата културно наследство во опасност, спроведе проект во висина од еден милион денари за интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и реконструкција на камбанаријата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

    Од црковниот одбор велат дека проектот бил реализиран во октомври, но не е неправено ништо посебно, поставени се врати на црквата и камбанаријата, а реконструиран е и кровот на камбанаријата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира