ИСКОРИСТЕНИ ПОЛОВИНА ОД СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ, ПАРИ ИМА УШТЕ ЗА 1.600 ГРАЃАНИ

    ИСКОРИСТЕНИ ПОЛОВИНА ОД СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ, ПАРИ ИМА УШТЕ ЗА 1.600 ГРАЃАНИАплицирање за субвенции за велосипеди трае до 30 јуни. (Фото: СДК.МК)

    Искористени се половина од средствата за субвенции за набавка на велосипеди. На јавниот повик на Градот Скопје кој беше објавен на 11 март, досега субвенции побарале 1.600 граѓани, што е половина од планираните средства за оваа намена.

    „Оваа поволност граѓаните на Скопје ќе можат да ја искористат заклучно со 30 јуни.

    Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход“, велат од Град Скопје.

    Барателот треба да ги исполни следниве услови – да е жител на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), подносителот на барањето досега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје и велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на јавниот повик.

    Целта на повикот на Град Скопје е да ги стимулира граѓаните да користат велосипед во секојдневното движење, како превозно средство кое е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко, зашто придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира