Искра од апарат за заварување која запалила фасаден панел при поставување на декоративната фасада на источната страна од комплексот е причината поради која вчера попладне избил пожарот во новиот трговски центар во Битола, кој треба да се отвори за 5 август. Според соопштението со детали за пожарот на „Беком инвест“ на фејсбук страницата на трговскиот центар „Блис“, пожарот бил несреќен случај кој настанал при поставување на држачи на фасадата, а благодарение на брзата детекција, дојава и интервенција со вода од хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време бил локализиран од битолските пожарникари.
„Нема жртви, ниту повредени. Единствено, според првичниот увид, причинета е материјална штета која го опфаќа фасадниот панел на источната страна, кој благодарение на фактот што е со PIR исполна (огноотпорен) во комбинација со PIR (огноотпорни) кровни панели и дополнителна внатрешна изолација со камена волна и огноотпорни ѕидови од гипсени табли, се спречи проширување во внатрешноста на објектот и на околните фасади од објектот“, се вели во соопштението.
По извршениот увид после гасењето на пожарот не се констатирани штети на останатите делови на објектот ниту на конструктивните делови. Сепак, вели сопственикот, денешниот повторен и подетален увид ќе даде конечен одговор за отворањето на ритеил паркот и молот, и ќе следи дополнително известување.
Од Битолската пожарна соопштија дека пожарот се појавил околу 18 часот, за нешто повеќе од еден час бил ставен под контрола, а објектот целосно го напуштиле во 23,30 часот. За време на гаснењето беа сечени дел од фасадните панели.
Новиот трговски центар треба да биде отворен на 5 август, во него има дуќани од кои дел се со брендирана стока и веќе се опремени. Се наоѓа во непосредна близина на уште еден нов комплекс кој се гради за маркетот „Лидл“, а за полесен пристап до нив вчера беше асфалтирана и новата улица. Двата комплекса се изградени на простор меѓу две бензиски пумпи, на излезот од Битола, па вчерашната брза интервенција за гасење на пожарот беше од огромно значење за нив, околината и градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА