Денеска нема настава во Основното училиште „Ванчо Прќе“ во Штип поради голем вандализам извршен сношти.
Учениците од прва смена кои дошле на училиште утрово се вратени дома, а дел од учениците информацијата дека ќе немаат настава ја добиле преку групи на социјалните мрежи од одделенските раководители, без образложение кои се причините за тоа.
Уште во раните утрински часови од вработените кои први дошле на работа случајот бил пријавен во полиција, која веднаш извршила увид и во текот на денот се очекува нејзиниот официјален извештај.
Директорот на училиштето Кокан Радев изјави дека вандалскиот чин се случил некаде пред полноќ, а според камерите на училиштето, било влезено од кај спортската сала и се работи за едно лице кое се обидело дел од камерите да ги испрска со спреј.
„Сторителот, кој не е фатен, направил голема штета во повеќе училници, каде е искршен инвентарот, а оштетени се техничките апарати во кабинетите, со исклучок на кабинетот по хемија, чија врата не била разбиена. Штети има во просториите на сите три ката, а по ѕидовите од ходниците и по смарт-таблите со спреј се испишани графити со недолична содржина. Го чекаме извештајот од полицијата. Училиштето ќе направи сѐ штетите да ги санира и в понеделник наставата да продолжи“, вели Радев.
Т. ЈОВАНОВСКИ



