Непознати сторители истуриле боја врз бистите на партизаните во Алејата со спомен обележја од НОБ на Шеталиштето во Битола. Бела, сина и црвена боја се истурени врз бистите на борците Фана Кочовска-Цветковиќ, Вангел Нечевски-Тунелот, Славко Лумбарковски, Трајан Белев, Богоја Фотев и Кочо Десано. Битолчани коментираат дека ова не е првпат да се оштетуваат бистите.
„Кој има потреба од ваков вандалски чин? Какво е ова непочитување? Па, тие гинеа на дваесет години за слободата, a и помлади, за нивните врсници денес да можат да шетаат слободно, студираат, создаваат семејства, се забавуваат, да имаат своја држава. Да се најдат сторителите и да се казнат“, коментираат битолчани.
Од Сојузот на борци во Битола го осудија овој чин и апелираат да не се повторуваат вакви дејствија затоа што овие луѓе се бореле за слободата и мирот и заслужуваат вистинска почит. За овој настан е известено ЈП „Комуналец“, со цел отстранување на бојата од бистите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА