Потребно е мeрните инструменти за квалитетот на воздухот во Велес, да се стaват во функцијa што, тоа е потребно заради здравјето на велешани, да знаат каков воздух дишат во период кога започна греењето на домовите, бараат велешките екологисти, откако од 9 ноември мерните инструменти на Министерството за животна средина (МЖСПП), не ги покажуваат часовните и дневните вредности.
„Ова е сериозен проблем, оти граѓаните немаат информација за состојбата со квалитетот на воздухот. Тоа е директен проблем за здравјето. Со ова се случува ненавремено реагирање на надлежните ако е надминат прагот на информирање или на алармирање. Ги повикуваме надлежните, ваквата состојба да се реши во најкус рок. Време е на овие проблеми да им се даде приоритет“, вели Сашка Коцевска од еколошкото друштво Вила Зора, од Велес.
Праг на информирање е кога два дена врзани еден по друг е надмината вредноста од 100 мг/м3, а прагот за алармирање е кога два дена по ред е надмината граница од 150 мг/м3. Во такви услови, локалната валст има законска обврска да преземе мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
„Од 9 ноември, поради проблем со уредот за преземање податоци во мониторинг станицата за квалитет на воздух Велес 2, нема можност да се воспостави комуникација со базата за собирање на податоците и поради тоа податоци за измерените концентрации на загадувачките супстанци не се прикажуваат на порталот за квалитет на воздух“, соопшти Министерствоо зошто ги нема резултатите од квалитетот на воздухот во Велес.
Мерењето на квалитетот на воздухот во Велес се врши на едно мерно место, во наслебата Тунел, во дворот на тамошната градинка. Минатата година, Општина Велес побарала од Министерството за животна средина да постави уште една мерна станица, во стариот дел на градот, но била одбиена. Најавуваат дека ќе бараат и следната, оти можеби според годишниот план за работа за 2025, ќе има средства за таква намена.
Според истражувањето на Општина Велес од пред седум години, 65 отсто од загадувањето во градот е резултат на домаќинствата, па на сообраќајот, а најмалку е на индустријата. Во време кога работеше Топилницата, во Велес имаше пет мерни станици, дел државни и дел општински.
П. ПЕЧКОВ