ИТНО ЌЕ СЕ ОБНОВАТ ИЗГОРЕНИТЕ ПОГОНИ НА „МАКПРОГРЕС ВИНЧИНИ“, НА РАБОТА ЌЕ СЕ ВРАТАТ СИТЕ 500 ВРАБОТЕНИ, ВЕЛИ МЕНАЏМЕНТОТ НА ФАБРИКАТА ВО ВИНИЦА

    ИТНО ЌЕ СЕ ОБНОВАТ ИЗГОРЕНИТЕ ПОГОНИ НА „МАКПРОГРЕС ВИНЧИНИ“, НА РАБОТА ЌЕ СЕ ВРАТАТ СИТЕ 500 ВРАБОТЕНИ, ВЕЛИ МЕНАЏМЕНТОТ НА ФАБРИКАТА ВО ВИНИЦАВо катастрофалниот пожар синоќа до темел изгореa три производствени погони, два магацини полни со стока и административниот дел од фабриката со вкупно 500 вработени. (Фото: ДПД Кочани)

    Изгорените производствени линии на фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес Винчини“ од Виница експресно ќе бидат обновени, а работа ќе се вратат сите вработени, изјавија од менаџментот на компанијата.

    „Стихијата беше огромна и направи уште поголеми штети, но уште од денес работиме производството да се обнови итно. Дел од вработените ќе бидат ангажирани во преостанатите погони”, изјавија од менаџментот на „Макпрогрес Винчини“ за штипската ТВ Стар.

    Пожарот е локализиран, но уште не е целосно изгасен.

    „Јавен обвинител од Основното јано обвинителство (ОЈО) Кочани беше на терен, меѓутоа увидот уште не е започнат, затоа што пожарот не е во целост изгаснат и уште траат активностите за обезбедување на локацијата. Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот“, соопшти Обвинителството.

    Во катастрофалниот пожар синоќа до темел изгореa три производствени погони, два магацини полни со стока и административниот дел од фабриката со вкупно 500 вработени. „Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански објект во оваа општина, а засегнати од уништувањето на фабриката ќе бидат и соседните општини Кочани и Штип, бидејќи од таму нема само вработени туку и разни кооперанти кои ја снабдуваат фабриката со суровини за производите.

    Според ТВ Стар, сопствениците велат дека штетата е милионска, а точната сума ќе се знае откако на лице место ќе излезат проценителите од осигурителните компании. Стопанската комора најави дека заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб.

    „Вчеравечер околу 19:20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на ‘Макпрогрес’ Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите“, се вели во соопштението од Стопанската комора.

    Основана пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 55 држави, според вебсајтот на компанијата. Винчини е најголем извозник на кондиторски производи во државата, а извозот лани бил во вредност од 35,8 милиони евра.

    Според вебсајтот на компанијата, групацијата „Макпрогрес“ е една од најголемите прехранбени компании на Балканот, со повеќе од 750 вработени. Покрај „Винчини“ уште пет популарни брендови се произведуваат во групацијата „Макпрогрес“, меѓу кои и „Сончева доолина“ за ориз, грав и пченка од Кочанско-Виничкиот Регион, „Натура“ за здрава храна, „Дониа“ од Прилеп за алва и локум и „Фантазија“ за десертни прашоци.

    Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди во пожарот во фабриката, дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба. При неколкучасовна интервенција на многубројните противпожарни екипи, повредените пожарникари добиле изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.

    Министерството за здравство попладнево соопшти дека хоспитализирани се: една пожарникарка во Клиничката болница во Штип, четири пожарникари во Општата болница во Кочани, осум вработени во фабриката на Клиниката за Токсикологија во Скопје. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира