ИЗГЛАСАНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Е ФИКТИВЕН И ЌЕ ЈА БЛОКИРА ОПШТИНА БИТОЛА, ВЕЛИ КОЊАНОВСКИ

    ИЗГЛАСАНИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Е ФИКТИВЕН И ЌЕ ЈА БЛОКИРА ОПШТИНА БИТОЛА, ВЕЛИ КОЊАНОВСКИГруба лага и манипулација е дека ребалансот е во интерес на граѓаните", соопшти Коњановски. (Фото: СДК.МК)

    Изгласаниот ребаланс на буџетот нема да биде вчитан од Министерството за финансии, а тоа ќе значи блокирање на работата на Општината, соопшти битолскиот градоначалник Тони Коњановски за ребалансот кој доцна синоќа беше изгласан во битолскиот Совет, надополнет со 23 амандмани предложени од опозицијата.

    „Во интерес на Битола и сите граѓани на нашта општина, морам да ја информирам јавноста за штетата која доцна синоќа ѝ беше нанесена на Битола, под водство на нестручното и незаконско работење на претседателката на Советот, Габриела Илиевска. Груба лага и манипулација е дека ребалансот е во интерес на граѓаните”, соопшти Коњановски.

    Тој додаде дека Советот изгласа ребаланс на буџетот на кој ја надминува законската рамка за 116.000.000 денари, поради што нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите кои ги усвоија нема да може да се реализира.

    „Веројатно, знаејќи го тоа, а сакајќи да покажат неспособност на градоначалникот и општинската администрација, не го испочитуваа ниту Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа, каде јасно е наведено дека Општината може да го надмине максимално утврдениот износ доколку обезбеди потврда за трансфер на средства од соодветна институција или во случај на промени кои се однесуваат на видот и висината на сопствените приходи на основниот буџет“, соопшти Коњановски.

    Според него, со усвоениот фиктивен ребаланс на буџетот нема да се реализираат ни она што го предложи тој, а опфаќа значајни проекти за развој на Битола.

    Советниците со жолчни и повеќечасовни дискусии ребалансот го донесоа по полноќ надополнет со 23 амандмани предложени од опозицијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира