ИЗГРАДБАТА НА КОНАКОТ НА ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО И ПОКРАЈ ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА

    ИЗГРАДБАТА НА КОНАКОТ НА ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО И ПОКРАЈ ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБАОсвен изградбата на новиот конак во Лешочкиот манастир во тек е реконструкција на десното крило од постоечкиот стар конак. (Фото: СДК.МК)

    И покрај вонредната состојба поради пандемијата на коронавирус, изградбата на новиот конак на Лешочкиот манастир се одвива со несмалено темпо. Се почитуваат препораките на Владата и полицискиот час, но и покрај тоа за нешто повеќе од два месеци објектот веќе е дојден во фаза на карајапија. Објектот е со вкупна површина од 750 метри квадратни. Отец Александар Стојаноски е задоволен како течат работите но апелира до верниците да продолжат со приложување донации бидејќи до целосното завршување на објектот се потребни уште парични средства.

    „Со изградбата започнавме во февруари оваа година и засега работите се одвиваат со задоволително темпо. Вонредната состојба не се одразува премногу врз изградбата а ние, односно работниците кои го градат конакот, стиктно се придржуваат и ги почитуваат препораките кои беа донесени во врста со заштитата од коронавирусот. На ова место каде сега се гради конакот до неодамна беа стари и трошни градби од помошните простории и оставата од манастирот. Сега на нивно место градиме два објекти кои се споени. Едниот, кој ќе има еден кат, ќе биде трпезарија. Тој во завршната фаза ќе се обложи со камен за да го зачува првобитниот изглед на градбата која беше тука, а вториот дел ќе посовремена градба и ќе биде административно резидентен дел наменет за потребите на манастирот и старешините од Тетовско-гостиварската епархија и свештениците кои ќе доаѓаат од другите епархии. Изградбата на конакот е со средства обезбедени од манастирот и од донации на верниците“, изјави отец Александар Стојаноски од Тетовско-гостиварската митрополија.

    Освен изградбата на новиот конак во Лешочкиот манастир во тек се реконструкции на уште два значајни објекти.

    „Во тек се работи на реконструкција на десното крило од постоечкиот стар конак. Тој целосно ќе се зајакне и внатрешно ќе се реновира а кога ќе биде завршен ќе послужи во него да престојуваат и преноќуваат посетителие на Лешочкиот манастир. Левото крило на манастирот дополнително ќе се реновира. Покрај ова во тек е санација на покривот на црквата Св. Богородица кој долго време прокиснуваше. Бидејќи овие два објекти се ставени под заштита на државата како вредно културно историско богатство, работите околу нивната реконструкција ја извршуваат стручните лица од Заводот за заштита на споменици а средствата за нивната реконструкција ги обезбеди државата. Ако се оди според планот и ако се обезбедат доволно финансиски средства, очекуваме во текот на наредната година изградбата на новиот конак и реконструкцијата на стариот конак и црквата да бидат готови со што Лешочкиот манастир да добие нови и квалитетни содржини со што ќе привлекува уште поголем број верници и посетители“ вели Отец Александар Стојаноски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира