ИЗГРАДБАТА НА СПОМЕНИК НА ПАДНАТИТЕ ЛЕШОЧАНИ ГИ СКАРА СЕЛАНИТЕ И УПРАВИТЕЛСТВОТО НА ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР

    ИЗГРАДБАТА НА СПОМЕНИК НА ПАДНАТИТЕ ЛЕШОЧАНИ ГИ СКАРА СЕЛАНИТЕ И УПРАВИТЕЛСТВОТО НА ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИРЦрквата не дозволува во дворот на Лешочкиот манастир да се постави споменик на жителите на Лешок кои во минатиот век како борци загинале на разни боишта (Фото: СДК.МК)

     

    Една иницијатива на дел од жителите на Лешок за изградба на споменик ги скара лешочани со настојателството на Лешочкиот манастир. Неодамна, во селото е формиран Иницијативен одбор со идеја да се изгради споменик на жителите на Лешок кои во минатиот век, како борци загинале на разни боишта. Идејата наишла на поддршка во Месната заедница и од голем број лешочани, се обезбедиле и средства за градба кои се донација од иселеници од Лешок во САД, но настанал проблем околу тоа каде да биде поставен споменикот. Од иницијативниот одбор сакале тој да биде поставен во дворот на Лешочкиот манастир, но од манастирското настојателство не се согласуваат со тој предлог.

    „Во минатиот век во Илинденското востание, во Првата и Втората Балканска војна како и во Првата и Втората Светска војна учествувале и голем број лешочани од кои 23 загинале и дури ни гробот не им се знае каде им è. За жал, добар дел од денешните лешочани, а да не зборуваме и за пошироко,  не ни знаат дека во тие војни има загинато жители на нивното село. Токму затоа, ние сакаме да им се оддолжиме на овие чеда на нашиот Лешок и со изградба на еден споменик да им ја пренесеме пораката на идните генерации за овој дел од вековната историја на Лешок“, вели Илија Петрушевски, член на иницијативниот одбор за изградба на споменикот.

    „Меѓу загинатите би ги споменал Ананија Тасевски кој загинал 1903 во Илинденското востание, шестмината лешочани кои погинале во битката кај Едрене во 1913, неколкумина има погинато во Првата Светска војна, во Втората Светска војна неколкумина се погинати во партизанските единици, но и како учесници во борбите на Сремскиот фронт. Тука би го споменал и лешочанецот митрополит Мито Аврамовски кој беше најсериозен кандидат за поглавар на Македонската православна црква во обидите за нејзино осамостојување, а кој на криминален начин бил убиен во 1952 па сè до Ѓоко Лазаревски кој погина во конфликтот во 2001, кога херојски го бранеше Лешок и овозможи повлекување на населението од селото.“ појаснува Петрушевски.

    Идејата овој споменик да се постави во дворот на Лешочкиот манастир дошла од причина што тука доаѓаат голем број посетители и тие преку споменикот  ќе можат да се запознаат со дел од историјата на Лешок. Од Иницијативниот  се обратиле до Заводот за заштита на културните споменици, од каде добиле одговор дека нема пречки таков споменик да се постави во дворот на манастирот, бидејќи дворното место не е ставено под заштита на државата. Но кога од побарале дозвола и од манастирското настојателство, од таму не го добиле очекуваниот одговор.

    „Најверојатно, повод за нивното барањето да се постави споменик доаѓа од неодамнешното поставување на рускиот крст во дворот на манастирот кој е дар од руската амбасада. Овој крст е посветен на луѓе од монашкиот ред, на луѓе од духовниот живот. Тоа се калуѓери кои, по заминувањето од Русија после избивањето на Октомвриската револуција, еден период биле примени и живееле во Лешочкиот манастир. Наспроти ова, лицата за кои се сака да се постави споменик се  луѓе од световниот живот, луѓе кои се бореле во различни војни и секогаш за слободата на Македонија, а тоа не е исто. Ние не можеме дворот да го правиме со разни споменици. Утре ќе побара и некој друг да се постави некаков споменик и на што ќе заличи овој простор. Јас на Иницијативниот одбор им дадов предлог, бидејќи погинатите се луѓе од селото, споменикот да се постави сред село каде веќе има подигнато споменик од конфликтот во 2001 година. Со сета почин кон погинатите, со сета почит кон иницијаторите, ама споменикот треба да го лоцираат таму каде му е местото, а тоа е сред село, тоа можам да им го кажам“, вели отец Теодосиј, старешина на Лешочкиот манастир.

    Дека релацијата помеѓу жителите на Лешок и Манастирот е нарушена го потврдува и отец Теодосиј, кој вели дека ллшочани многу ретко доаѓаат во манастирот и го помагаат, додека пак лешочани во раководството на манастирот не гледаат потпора за нивните иницијативи и барања. Поради тоа и оваа иницијатива за поставување споменик најверојатно ќе чека некои поубави денови и усогласување на различните мислења.

    „Манастирот е дел од историјата на Лешок исто како и овие лица кои погинале и на кои сакаме да им поставиме споменик. Многу ни е жал што не наоѓаме разбирање кај црковните власти за нашата иницијатива. Манастирот треба да биде со народот и неговите желби.  Ние за овие погинати лица ќе направиме и една монографија со подетални податоци за секој од нив, но не сакаме да остане само на зборови, работата е да се направи едно трајно обележје, достоинствен памнетник  на овие храбри луѓе од Лешок и тој да биде поставен на вистинското место“, вели Митко Спироски, член на иницијативниот одбор за подигање споменик на паднатите лешочани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира