Триесетина конзервирани фрагменти од резбани тавани од битолски градски куќи се изложени во Изложбениот салон во битолскиот Завод и Музеј. Авторка на изложбата е етнологот Мери Стојанова, која е и директор на Завод и музеј, а подготви и колор публикација на 42 станици за специфичностите на овие експонати кои се оригинален дел од битолската градска куќа.
„Голем дел од фрагментите беа премачкани, оштетени, со отпаднати делови, на некои недостигаа комплетни елементи, ги конзервиравме. Кога го правев истражувањето пред две години, а и сега кога го подготвував текстот за каталогот не успеав да најдам ни една битолска куќа во која сè уште се зачувани резбарените тавани. Не велам дека нема, но и покрај сите мои обиди и контакти со битолчани не успев да најдам дека некаде уште постојат. Инаку, бројот и големината на застапеностана ваквиот вид тавани бил многу поголем во минатото“, рече Стојанова.
Деловите од резбани тавани кои се изложени датираат од крај на 19 и почеток на 20 век, период кога вакви впечатливи елементи од ентериерно уредување се среќавале во традиционалната градска куќа во поширокиот балкански ареал. Резбаните таваници како вредни културни споменици се среќавале на територијата на Балканот воопшто. Само се разликувале во колорит, формите, начин на изработка.
Во Битолско ги изработувале дрворезбарите кои доаѓале од Галичник, па уникатноста на резбите не изненадува, имајќи ги во предвид врвниите дострели на реканско-дебарската градителска и уметничка школа. Тие иако најчесто изработувале иконостаси и сличен мобилијар во профаните објекти во градот, во многу случаи изработувале и тавани и друг инвентар за битолските домови. Покрај нив, во Битола работеле и мајстори школувани во познатата Занаетчиска школа во Охрид, во која се негувала и пренесувала традицијата на дебарската копаничарска школа.
Во зачуваните фрагменти изведена е релативно густа флорална декорација, преточена во различни композиции на стилизирани листови, цветови, гроздови, гранки и друго.
„Ова се само фрагменти, за жал немаме целосно резбан таван, сите овие се само елементи. Тие се дел од големата европска традиција, во овие резбани елементи има повеќе влијанија, па и европско. Најчесто се користени вегетабилни орнаменти, кругот како една цикличност на живеењето. Карактеристични се и боите, резбани се чисто од дрво, обоени во жолта, зелена боја“, вели етнологот Наде Генева-Брачиќ.
Изложбениот салон со резбаните тавани за патос го има репарираниот паркет од Офицерскиот дом во Битола, кој беше изработен во техника на интарзија. Таму сега е поставен нов паркет со автентичен изглед како претходниот, а половниот го репарира Заводот и го постави во изложбениот салон.
Ж. ЗДРАВКОВСКА