Дигиталниот рендген апарат во вредност од 56.000 евра ќе го користат сите служби и одделенија вклучувајќи го и Ковид-одделението при Клиничката болница во Штип, па наместо пациентите да се транспортираат до Одделот за радиологија, апаратот ќе се става во функција таму каде што е хоспитализиран пациентот. Новиот апарат за радиографија ќе опслужува над 250 илјади граѓани во Источна Македонија.
Договорот за набавка на современиот рендген апарат денеска го потпишаа во Штип, амбасадорот на Јапонија во Македонија Савада Хиронори и директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.
„Ова е шести грант во Општината Штип и втор за болницата во Штип. Од 1996 година па наваму, Јапонија поддржа проекти во секторите здравство, образование и животна средина. Планираме годинава да се реализираат 13 проекти во износ од 825.000 евра или вкупно досегашната јапонска поддршка изнесува 8,5 милиони евра“ рече Савада.
Георгиев кажа дека одлично соработуваат со јапонската амбасада и потсети дека Јапонија пред три години донираше две нови амбулантски возила.
Т. ЈОВАНОВСКИ