ЈАВНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ВЕЛЕС НЕМААТ ПРИСТАП ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, САМО 20 ИНСТИТУЦИИ ДАЛЕ ПОДАТОЦИ

    ЈАВНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ВЕЛЕС НЕМААТ ПРИСТАП ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, САМО 20 ИНСТИТУЦИИ ДАЛЕ ПОДАТОЦИКако институции со зелена пристапност беа посочени ОУ „Васил Главинов“, гимназијата и хемиското средно училиште, кои се во иста зграда, Здравствениот дом, болницата, црквата „Св. Кирил и Методиј“, Железничката станица и Основниот суд. (Фото: СДК.МК)

    Од 80 јавни и државни институции лоцирани во Велес само 20 одговориле на прашалникот за пристапноста до нив за лицата со попреченост. Шест месеци откако се реализира проектот со финансиска помош од фондовите на ЕУ, создаден е регистар за пристапност. Проектот, насловен „Велес – право за сите“, го спроведува Фондацијата „Импакт Нет“, а во него се вклучени средношколци од четири училишта во градот. Создадена е и мобилна апликација.

    „Пристапноста е обележана со боите на семафорот: црвено – непристапно, жолто – делумно, зелено – целосно пристапно. Имаме и сина боја, која ги опфаќа сите шест модули од прашалникот, не само за лицата со физички, телесен инвалидитет, туку и за проблемите на граѓаните со видот и слухот, дали институцијата има лифт, пристапна патека, паркинг за овие лица, дали имаат тоалет, ракофати, дали има дактилни патеки, звучна сигнализација и дали институциите имаат толкувач на знаковен јазик“, кажа Александра Димитриоска.

    Како институции со зелена пристапност беа посочени ОУ „Васил Главинов“, гимназијата и хемиското средно училиште, кои се во иста зграда, Здравствениот дом, болницата, црквата „Св. Кирил и Методиј“, Железничката станица и Основниот суд, но не и Правобранителството и Јавното обвинителство. Во Велес, единствените семафори немаат звучно обележување.

    Проектот е реализиран со помош на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес. Целта е обележување на јавните институции кои се недостапни поради физички бариери, но и на пристапноста за родители со мали деца во колички и за лица кои користат помагала при движење. Многу јавни институции во Велес сè уште немаат пристапни рампи, лифтови и пристапни влезови. Тоа ги ограничува лицата со попреченост, лицата со ограничена подвижност и лицата во колички. Нема јавни податоци за пристапноста до институциите.

    „Долгогодишна е борбата на лицата со попреченост да стигнат до јавните институции. Статистиката вели дека 43 отсто од институциите немаат пристапен тоалет и немаат лифт, во ниту една институција нема табла со информации на Брајово писмо, 71 отсто немаат пристапна патека, а 57 отсто од вработените немаат искуство во работа со дефибрилатор. Нив ги нема во ниту една институција, освен во Службата за итна помош и во болницата. Важно е што воспоставивме база на податоци која може да се надградува“, рече Стефче Дечев, раководител на проектот.

    Тој ги презентираше податоците за лицата со попреченост во Македонија. Според нив, 94,8 илјади лица имале одредена попреченост, 2.500 лица имале оштетен вид или слепило, а повеќе од шест илјади имале оштетен слух. Тоа се околу стотина илјади граѓани. Кога кон нив ќе се додадат и членовите на семејствата кои им помагаат, бројката достигнува 200.000 граѓани.

    Институциите самите се оценувале, но податоците што ги доставиле се проверуваат за да се утврди дали состојбата е таква и во пракса, односно дали се реални.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира