Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ланската година ја завршило со загуба од 6,2 милиони евра. Ова е дупло поголема загуба во работењето во споредба со 2021 година кога минусот беше 3 милиони евра.
Претпријатието нема можност да ја покрие загубата ниту со годинешното работење па затоа бара Град Скопје да им даде пари и да им го покрие минусот.
„Загубата од работењето во 2022 годин е 384 милиони денари или 6,2 милиони евра. Загубата останува непокриена. Во текот на 2023 година основачот Град Скопје да најде начин за покривање на загубата со оглед дека се исцрпени сите законски резерви на ЈСП Скопје, па согласно Законот за јавни претпријатија основачот да изврши докапитализација на претпријатието“, стои во одлуката доставена до Советот на Град Скопје.
Ова барање на ЈСП ќе се разгледува на седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи во четврток.
Според годишната сметка за 2022 година, претпријатието остварило приходи од 1.699.215.767 денари, а расходите се поголеми односно изнесуваат 2.083.180.133 денари. Бројот на вработени е 1.319 лица.
Градоначалничката Данела Арсовска на функцијата дојде со ветувањето дека ќе воведе бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. Не само што бесплатен превоз нема туку пола година низ Скопје немаше редовен јавен превоз откако таа се скара со приватните превозници.
А. АНТЕВСКА