Јавниот превоз во Скопје не е квалитетен ниту навремен, а ЈСП „Скопје“ се соочува со финансиски потешкотии и има долг од 1,5 милиони евра кон приватните превозници. Ова го покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење на претпријатието во 2023 година.
Во извештајот се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење ревизорите дале неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
„Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП ‘Скопје’ во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31.12.2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените приватни превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари или 1,5 милиони евра.Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80% во текот на месецот.“, стои во извештајот за работењето на ЈСП.
Во извештајот на ДЗР се вели дека Министерството за образование две години не плаќа за бесплатниот превоз на студентите, за секој извозен километар се прави трошок од два денари, а приход од еден денар. Субвенционирањето од Град Скопје во висина од 673.870 илјади денари или околу 10,96 милиони евра, не е доволно за претпријатието да обезбеди редовен превоз. Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024.
Ревизорите утврдиле неправилност и во однос на постапката за набавка на гориво за автобусите. Бидејќи ЈСП не ги плаќала навремено фактурите, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување на казнена камата што е 50% повисока од стапката на законската казнена камата. Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП „Скопје“, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50%, што изнесува 12.583 илјади денари или 204.000 евра
„Во 2021 година, ЈСП ‘Скопје’ има склучено договор и анекс за обезбедување комуникациска инфраструктура и Е-Cloud платформа за системот на јавен градски транспорт, вреден 142.466 илјади денари, односно 2.316.520 евра. Со ревизијата констатирани се значителни слабости во исполнувањето на обврските. Имено, во првиот член на договорот, обврската за целосно и постојано функционирање на системот не е исполнета, што резултира со губење на сигналот и проблеми во следењето на возилата. Дополнително, функционалната надградба, вклучително и воведувањето на електронски билети и апликации за паметни телефони што не е реализирана во рок и што предизвикувала поплаки од патници за повеќекратна наплата на билети. И покрај неисполнувањето на обврските од страна на економскиот оператор, ЈСП ‘Скопје’ не преземало мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854 илјади денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства“, се вели во ревизорскиот извештај.
Ревизорите заклучиле дека и покрај субвенционирањето од страна на основачот – Град Скопје во вкупен износ од 673.870 илјади денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП„Скопје“ не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје.
А. АНТЕВСКА