„Југохром“ бара ново 18-месечно продолжување на рокот да постави филтри за отпрашување на отпадните гасови од фабриката. Рокот, кој истекува денеска, го одреди Владата пред две години. Досега овој рок Владата и Министерството за екологија неколку пати го продолжуваа на барање на „Југохром“, но во фабриката и понатаму нема поставено филтри.
Од „Југохром“ велат дека интензивно работат на поставување филтри.
“Ние сме во постојан контакт со Владата и тие знаат до каде се нашите активности. Ние до први ноември не можеме да го завршиме комплетниот систем за отпрашување, зашто оној период што го добивме од први први ноемви 2014 до први ноември 2016, изгубивме година и половина во административни работи како градежни дозволи и слично. Градежната дозвола ја добивме во јули годинава и од тогаш интензивно работиме. Направени се бетонски фундаменти, а сега ќе се става челична конструкција. Ние веќе дадовме барање за одложување на рокот за 18 месеци за да се комплетира работата, со кој ќе бидат опфатени сите три погонии и сега очекуваме Владата да даде свое мислење,“ изјави Васко Скендеровски генерален директор на Југохром.
На ова повторно реагираше организацијата “Екогерила“, која денеска посочи дека и за „Југохром“ треба да важат законот и Уставот.
“Фактот што ‘Југохром’ ги злоупотреби сите досегашни рокови и проаѓа неказнето од Министерството за екологија и Владата, фактот што Јавното обвинителството на Тетово не прифатило да процесуира ниту една кривична тужба против овој загадувач, како и молчењето на многу институции за овој проблем, ни ја губи надежта дека проблемот со згадувањето со кој се соочуваат граѓаните на Тетово ќе се реши. Тоа што го забележуваме на терен е дека не гледаме ниту Ф од филтрите. Секој обид да се даде друг рок на овој загадувач, ни дава сериозни сомнежи за голема корупциска афера, во која можно е да се вклучени двете владини партии“, вели Аријанид Џафери од „Екогерила“. Од оваа организација велат дека Југохром дневно низ своите оџаци исфрла 30 тони прашина во воздухот, а кога би имало филтери би исфрлал само 800 килограми.
Во јануари и февруари оваа година „Југохром“ ја прекина работата со цел да се утврди дали тој е главниот загадуваш на воздухот во Тетово. Од фабриката велат дека во тој период нивото на загадувањето на воздухот било и понатаму високо иако „Југохром“ не работела, додека од „Екогерила“ велат дека, повикувајќи се на мерењата на загаденоста на воздухот од мерната едниница на Министерството за екологија поставена во градот, тогаш загадувањето било и до 40 отсто помало.
М. И. ПАЧЕМСКА