Работници од „Југохром“ денеска го блокираа автопатот Тетово-Скопје кај наплатната рампа Желино во знак на протест против затворањето на фабриката и со барање да се продолжи рокот за поставување филтри.
„Ние 700 работници на ‘Југохром’ и уште околу 4.000 членови на нашите семејства, егзистираме од оваа фабрика. Сега сите сме на улица, обременети со кредити, со трошоци, а немаме веќе никаков извор на егзистенција. Затоа ако треба ден и ноќ ќе протестираме бидејќи ‘Југохром’ мора да работи. Ние знаеме дека фабриката треба да изгради филтери, но бараме да ни се продолжи рокот за нивната изградба“ во револт зборува Младеновиќ Љубиша работник на „Југохром“.
Ни поројниот дожд кој врнеше во тетовско не ги поколеба југохромци да го изразат својот револт од одлука на Државниот инспекторат за животна средина со која се наложи гаснење на печките поради тоа што беше пробиен рокот за поставување филтри во фабриката за отпрашување на воздухот.
„Бараме брзо рестартирање на ‘Југохром’ и повлекување на решението за гаснење на печките, до повторното рестартирање работниците тие да имаат статус на работници, односно да примаат плата или 70% од платата додека се на принуден одмор, и бараме и газдата и менаџерите на ‘Југохром’ да се зафатат и да го решат проблемот со филтер станицата“ ги прочита барањата Бајрам Амити претседател на синдикалната организација на ‘Југохром’. Тој вели дека одлуката за затварање не е во ред бидејќи фабриката не најголемиот загадувач на Тетово, како што велат некои, бидејќи и сега кога “Југохром“ не работи воздухот во градот и понатаму е маногу загаден.
Протестот на југохромци беше подржан и од Синдикатот на издустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР).
„Затварањето на ‘Југохром’ е лошо прво за работниците кои таму работат, бидејќи тие и нивните семејства се најзагрозени, освен ова ако уште еден или два вакви капацитети не работат, тоа ќе значи и влошување на економската состојба во државата“ изјави Пецо Ристески претседател на СИЕР. Од Синдикатот велат дека успеале да се договорат со газдите на фабриката работниците за ноември да примат плата, но за декември состојбата е неизвесна.
Според најавите на протестантите нивните следни чекори ќе зависат од тоа како институциите ќе ги прифатат нивните барања, но како што велат, лесно може да дојде и до радикализција на протестите со позасилени блокади на автопатот ако до декември не ни се ислезе во пресрет на барањата.
Според законските одредби, „Југохром“ за продолжување на своето работење мора да обезбеди „А“ еколошка дозвола, односно да изгради филтри за отпрашување на воздухот. За нивна изградба доби рок до 2014 кој беше пролонгиран до 31 октомври 2016 година, но и овој рок, поради ненавремено добивање на градежни дозволи, не беше запазен. Сега „Југохром“ бара од владата ново пролонгирање на рокот за да ја доврши изградбата на филтер станицата.