КАФАНЏИИТЕ ОД КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ ДОБИЈА ПЛУС ДВА МЕТРИ ЗА ТЕРАСИ ПРЕД ОБЈЕКТИТЕ, СРЕД ШЕТАЛИТЕТО НЕМА ДА ИМА КАФЕАНИ

    КАФАНЏИИТЕ ОД КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ ДОБИЈА ПЛУС ДВА МЕТРИ ЗА ТЕРАСИ ПРЕД ОБЈЕКТИТЕ, СРЕД ШЕТАЛИТЕТО НЕМА ДА ИМА КАФЕАНИВо моментов Општина Центар ги подготвува решенија за отстранување на терасите, по што сопствениците ветиле дека тие самите ќе ги тргнат објектите.(Фото:К.Попов)

    Кафанџиите од Кеј 13 Ноември во центарот на Скопје нема да смеат да поставуваат тераси сред шеталиштето, а за возврат ќе добијат плус два метри во делот пред објектите. Ова било договорено минатата недела на средбата меѓу градоначалникот Петре Шилегов и газдите на кафулињата на кејот, откако беше најавена реконструкцијата на шеталиштето.

    Со реконструкцијата и проектот на Град Скопје се предвидува да се отстранат терасите од кои дел се претворени во цели објекти и го заземаат речиси цело шеталиште. На ваквиот план реагирале газдите на кафулињата жалејќи се дека во голема мера им се скратува просторот за поставување на маси и столици. Било најдено компромисно решение да добијат плус два метри во делот за летни тераси кој се наоѓа пред објектите, а останатиот дел од шеталиштето сега ќе биде слободен.

    Во моментов Општина Центар ги подготвува решенијата за отстранување на терасите, по што сопствениците ветиле дека тие самите ќе ги тргнат објектите.

    „Во текот на наредната недела на сите кафанџии ќе им бидат доставени решенијата за отстранување на урбаната опрема сред кејот. Бидејќи газдите ветија дека сами ќе ги тргнат очекувам дека за брзо време кејот ќе биде слободен и Град Скопје ќе може да почне со активности за негово уредување. Иако беше договорено да им се дадат плус два метри пред објектите сепак ќе мора да се почитува Правилникот за поставување урбана опрема односно да има 1,5 метар одалеченост од дрво или друга инфраструктрува на кејот“, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    На Кеј 13 Ноември со години владее вистинско безредие. Речиси цело шеталиште е зафатено со кафулиња, коли слободно влегуваат и се паркираат кај стасаат, а целосно е уништен плочникот и урбаната опрема.

    Градоначалникот Петре Шилегов минатиот месец изјави дека е свесен за хаосот и безредието кое владее на кејот и затоа почнува со проект за негова реконструкција, со што овој дел во центарот на градот ќе добие сосема поинаков лик. Шилегов најави дека ќе биде воведен и нов режим со кој ќе биде дозволен влез само на ограничен број на возила на „Телеком“ со што ќе се реши проблемот со паркирање на пешачката зона.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира